Во Музејот на македонската борба се одржа седмата меѓународна конференција „Запознај, види, направи!“ (Meet, See, Do) на Балканската музејска мрежа. Во 14 испланирани сесии, 50 професионалци од земјава и од Велика Британија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Грција, Косово и Бугарија дискутираа на тема „За што се музеите? Назад кон основите!“.

– Конференцијата “Meet Se Do” е различна од сите други. Тоа е конференција на која се случуваат нови партнерства, каде се споделува вредно искуство, на која може многу да се научи, но и да се стекнат нови искрени пријателства. Имавме исклучителни предавачи кои со својата тесна специјалност од нивната работа, со или во музеите ни отворија нови видици, не инспирираа, споделија свои искуства и не вратија на основното прашање “За кого се музеите?” Сите стручни анализи потврдуваат дека музеите се важни чинители на општествениот живот, музеите имаат моќ да менуваат животи и да оставаат неизбришливи траги, истакна Даниела Николова, директорка на Музејот на македонската борба.

Клучните заклучоци од конференцијата доаѓаат од актуелните теми на предавањата кои опфатија прашања поврзани со дилемите: дали музеите се само туристички точки на картите или се провајдери на незаборавни искуства, се дебатираше на дијалозите и најдобрите пракси од регионот, епидемијата беше присутна како причина за заборав на музеите, предностите на дигиталното време, но и инклузивноста на музеите како општествен сервис, како спој меѓу минатото и сегашноста, во креирање на иднината.

Конференцијата беше во организација на Музејот и Балканската музејска мрежа, една од најважните регионални платформи којашто ги обединува музеите и професионалците кои работат во заштитата на културното наследство од балканскиот регион, а се реализира со поддршка на Министерството за култура како дел од Годишната програма, и со помош од Градот Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.