Извонредните српски актерки Јована Беловиќ и Сања Марковиќ од Југословенскиот драмски театар- Белград вчеравечер на „Охридско лето“ ја донесоа театарската претстава „Мојот маж“ во режија на Јована Томиќ.

Овој драмски проект е работен според истоимената збирка раскази од познатата македонска писателка Румена Бужаровска напишана на едноставен и прецизен јазик во која секој може да се препознае.

Искрено, мислам дека ова е извонредна театарска претстава. Се работи за млада и  многу добра екипа. Јована Томиќ е извонредна режисерка, а претставата има и многу добар драматург. Главно ги имаат земено моите раскази, но се направени многу паметни комбинации, а не многу наметливи. Актерките се навистина едни од подобрите, така што многу се радувам, рече Бужаровска која синоќа на сцената „Долни Сарај“ ја проследи театарската претстава „Мојот маж“.

Создавајќи ги ликовите на нејзините хероини, Бужаровска храбро, грубо и духовито си поигрува со сите општи места на локалниот контекст, прецизно формирајќи ја иконографијата на патријархатот во кој сите сме заробени. Мажот кој секогаш е на пиедесталот и жената која треба да ги реализира своите потреби и цели, но без да ја наруши машката позиција или моќ.

Во претставата „Мој маж“ мажот е поставен на пиедесталот, но исто така и жените. Се трудевме да ги разбереме жените. Сите сме окупирани со секојдневни големи проблеми, и тоа беше навистина инспиративно. Тоа е нашето опкружување. Сите сме на ваков или таков начин допрени од тие приказни. Ние се посветивме на тоа да ги разбереме, но сметам дека и пошироката публика може да ги разбере., а доказ е што претставата е една од најбараните и најизведуваните на нашиот репертоар, вели актерката Сања Марковиќ.

Младите актерки од Југословенскиот драмски театар –Белград покажаа извонредна глума пред публиката на „Охридско лето“.

 

Работите се многу едноставни и во едноставноста се крие идејата на ова книжевно дело и на драмската претстава, смета актерката Беловиќ.

Драматург на театарската претстава „Мојот маж“  е Димитрије Коканов, а костимографијата на Маја Мирковиќ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.