Синдикатот на културата најави генерален штрајк во октомври ако Министерството не им ги исполни барањата. Нездаволни од состојбите во културата, членовите на синдикатот најавија дека ќе стапат во генерален штрајк доколку не им бидаат исполнети барањата кои ги упатиле до Министерството за култура.

Барањето на Синдикатот ви го пренесуваме интегрално:

На ден, 20.06.2019 г. се одржа состанок на советот на СКРМ на кој беа разгледувани  состојбите во културата, позитивните и негативните последици од спроведената нивелација на платите, како и динамиката со која се движат реформите во нашиот сектор.

Мораме да нагласиме дека кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата како што е неоснованото покачување на коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит. Исто така, нервозата кај нашето членство силно ја стимулира и фактот што новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата не е усвоен и е во процес на „тромава“ подготовка речиси две години. Законот требаше да биде усвоен одамна и со него очекуваме да се решат многу проблеми во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување на нов општ колективен договор во културата. Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата. Поради тоа, Советот на СКРМ ги изнесува следните барања до Министерство за култура:

Барање за ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, со што, сите неосновани коефициенти ќе се вратат во претходната состојба.

Барање за итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата во чија суштина ќе бидат инкорпорирани потребите на вработените во институциите, како и потребите на независните уметници и културни работници. Не прифаќаме ригиден и неапликативен Закон кој единствено ја олеснува работата на Министерство за култура и Министерство за информатичко општество и администрација, а од друга страна го оневозможува функционирањето на културните и уметничките институции. Таков закон веќе постои, а штетите од истиот ги чувствуваме сите.

Барање за потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година со почеток на спроведување од 01.01.2020 година и конечно решавање на проблемот со работните односи и платите во областа на културата кој егзистира веќе една и пол деценија.

Доколку нашите барања не бидат спроведени, СКРМ најавува ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК во културата кој ќе започне на 01.10.2019 година.

Уметниците и културните работници во изминативе две години станаа жртва на партиско – коалициски пазари и тоа придонесе за одолговлекување на процесот на реформи и продлабочување на децениските проблеми, наместо нивно решавање. Наша должност е да се спротивставиме на ваквиот маргинализирачки третман и да го зачуваме нашиот уметнички и стручен интегритет како дејци на темелната вредност култура без која не може да постои ниту една држава.

 

По соопштението од Синдикатот за култура, базирано на состанокот на Советот на СКРМ, одржан на 20.06.2019, во кое се бара ревизија на противзаконски нивелираните плати во дел од установите од културата, во присуство на членството на Синдикатот, како и усвојување нов Закон за остварување јавен интерес во културата и нов Колективен договор, од Министерството за култура одговараат дека се работи на барањата на Синдикатот за култура и дека тие се прифатливи за нив. Соопштението на Министерството за култура, го објавуваме во целост.

Министерството за култура активно и засилено работи на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон. Министерството за култура работи транспарентно на новата норматива повеќе од една година со јавни дебати и со вклученост на сите чинители во културата, вклучувајќи претставници од СКРМ во работните тела за изработка на законот и на колективниот договор за култура.

Во неодамнешниот процес на нивелација на платите коj уследи по долги години неправда во поделбата на платите во културата поради неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платите, учество земаа сите релевантни фактори меѓу кои беа и репрезентативните синдикати од областа на културата.

Во оваа смисла, а во врска со соопштението на Синдикатот на културни работници на Македонија (СКРМ) во кое се бара ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година, Министерството за култура информира дека ги почитува барањата од културната јавност и од СКРМ и дека во заедничка спрега со институционалната култура, со граѓанските здруженија и поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување на правна рамка и колективен договор со коишто ќе се решат покрај другите отворени прашања како финансирањето на јавниот интерес во културата, така и негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата.

Рокот  за потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година со почеток на спроведување од 01.01.2020 година, истакнат во барањата на СКРМ е прифатлив рок и за Министерството за култура, па затоа искажуваме уверување дека со сите засегнати страни како и со СКРМ, ќе работиме подеднакво посветено, конструктивно и ангажирано во постигнување на заедничката цел, подобри услови за работа во сферата на културата во Република Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.