Откако културните работници ги затворија вратите за љубителите на културата и уметноста и влегоа во еднодневен штрајк, ресорниот министер експресно седна на заедничка маса со нив. Овој сектор нема колективен договор од 2005 година и според Синдикатот на културата владее комплетен хаос со работничките права во културните и уметнички институции.
Она што го имаме како информации за тоа што до сега е откажано, тоа се 8 претстави, 1 изложба, 6 проекции, 6 кино-проекции, 1 концерт, 10 проби во театри, во 13 музеи не се примаат посетители и можеме да кажеме дека отприлика над 7.000 љубители на културата и на уметноста денеска се спречени да ги посетат културните и уметнички установи. Имаме предлог од министерство за култура, односно понуда за средствата кои што ги бараме ние како синдикат и СОНК како синдикат се одобрени од страна на Владата со тоа што одредбите во однос на плати би се спровеле од 1 јули 2020 година. Оваа понуда ќе биде ставена на маса пред нашите членови, сето тоа ќе го направи и другиот синдикат и откако ќе го видимe расположението на нашите членови ќе ја имаме и финалната одлука, изјави Сања Арсовска, претседателка на Синдикатот на културата.
Премиерот во заминување Заев верува дека договор може да се постигне.
Нивелација е веќе направена и сакаме со колективниот договор да ја заокружиме и да ја завршиме. Тоа што се бара од страна на синдикатот е зголемување за некои 20% на платите, но при тоа нивелацијата мора да е завршена до крај. Зборуваме за нивни барања, а можностите потоа ќе се разговараат на ниво на државата. Истовремено, Законот за култура ако не утре, во сабота ќе дојде на владина седница, рече Заев.
Денешниот штрајк доби поддршка и од културните работници кои не членуваат во Синдикатот на културата, а се дел од СОНК.
Попладнето од Министерството за култура беше соопштено дека министерот за култура, Хусни Исмаили и Националниот координатор за развој на култура во Владата на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски на денот на штрајкот во културата, одржале средба со Работната група и со претставниците од СКРМ и СОНК.
На средбата е постигната начелна согласност за усвојување на новиот Колективен договор во културата, текст кој е усогласен со барањата на двата репрезентативни синдикати. Имајќи ги предвид буџетските средства на Министерството за култура за 2020 година, од страна на Министерството и на Владата е понудено одредбите кои се однесуваат на утврдување на коефициентите за вработените во културата да започнат да се применуваат најдоцна до 1.07.2020 година. Во наредниот период, членството на двата синдикати и официјално треба да се произнесе околу прашањето поврзано за терминот за примената на коефициентите. Доколку членовите дадат согласност, Министерството за култура ќе достави информација до Владата и со нејзиното усвојување ќе се создадат услови за потпишување на Колективниот договор во културата, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.