Шокирани сме, ама во позитивна смисла, вели Рисима Рисимкин за учеството на „Скопје танцов театар“ во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.
„Скопје танцовиот театар“ е првиот македонски театар и компанија која доби покана за гостување во „Шајо“, престижен француски театар, еден од симболите на светската културна елита. „Скопје танцовиот театар“ ќе гостува во 2020/2021, сезона во која „Шајо“ ќе одбележи и еден век од постоењето.
Многу сум возбудена и среќна, што Скопје танцовиот театар со својот квалитет и уметнички вредности, успева да влезе во високи, светски уметнички кругови. Тоа е привилегија и поттик и понатаму да работиме и да твориме, со цел да ја промовираме нашата работа, да бидеме препознаени од светската културна јавност и да ја пласираме нашата земја во врвот и друштво на најзначајни уметници. Ова е уште една потврда дека борбата и упорноста, за вистинските уметнички вредности не смее да запре, напротив, треба и понатаму да создаваме и креираме, како сите овие години, бидејќи успехот не изостанува“, изјави Рисимкин, кореограф и уметнички директор на Скопје танцов театар.
Во почетокот на јануари идната година „Скопје танцов театар“ треба да го потпише договорот со „Шајо“. Уште не се знае проектот со кој ќе настапат танчерите, а според зборовите на Рисимкин ќе имаат најмалку две изведби. Во „Шајо“ има две сцени, со 1.200 и со 500 седишта и се уште не е познато на која сцена ќе настапат македонските танчери.
Кога работиме во светот на културата, некогаш може да се запрашаме себеси за што точно работиме, какви конкретни резултати имаме од сето она што го работиме. Но, еден ден, кога дознавате дека Скопје танцовиот театар е поканет во „Шајо“, кога тој ја слави стогодишнината од своето постоење, конечно сфаќате дека во културата треба да имате големо трпение и дека работите не се случуваат преку ноќ. Како што истакна Рисима, ова е резултат на дваесетгодишна соработка, која е навистина извонредна и успешно трае во континуитет. Изборот Скопје танцовиот театар да гостува во „Шајо“ со своја претстава е на некој начин крунисување и негов златен медал. Големи пофалби. Француската амбасада секако ќе биде тука и понатаму да ја дава потребната поддршка“, вели директорот на Францускиот институт и советник за култура Емануел Рембер.
Театрот „Шајо“ е изграден во 1878 година за светската ЕКСПО изложба, во 1920 година е формиран како прв Национален театар на светско ниво. Во театрот во кој се гостува исклучиво по покана, гостуваат најпрестижни светски компании и имиња како Пина Бауш танцовата компанија, Филип Декуфле, Охад Нахрин и Батшева танцова комапнија, Мерси Кенингем танцовата компанија, Кралскиот балет од Лондон, Париската опера и други.
Скопје танцовиот театар, основан во 2011 година, успеа за период од осум години да се претстави на престижни сцени и фестивали во Европа, САД и Кина. Минатата година, единствената домашна современа танцова компанија имаше привилегија да гостува на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД и во повеќепати на сцените во Пекинг, Кина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.