Овој викенд (18. септември, сабота) битолчани и сите љубители на филмската уметност ќе имаат можност да го гледаат во Битола филмот „Северен пол“ на Марија Апчевска во продукција на „Кино око“ – првиот македонски краток филм кој бил во трка за Златна палма на Канскиот фестивал. Проекцијата е во Центарот за култура (Голема сала) во 18:00 ч.
Овој маркантен успех има исклучително значење за нашата кинематографија, а ИФФК „Браќа Манаки“ дава можност да се погледне филмот кој бил еден од десетте селектирани филмови во официјалната програма на еден од најпрестижните и најгламурозни филмски фестивали во светот.
Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, а кастинг-директор Киријана А. Николоска. Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент на филмот е Роберт Насков, копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ, сценарист и режисер е Марија Апчевска.
По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.