Академик Љупчо Коцарев, сестран научник со широк научен интерес, професор на Факултетот за информациски науки и компјутерски технологии (ФИНКИ) е избран за нов претседател на Македонската академија на наукитеи уметностите (МАНУ). Мандатот ќе му почне на 1 јануари, а ќе го замени актуелниот претседател Таки Фити.
За потпретседатели на највисоката научна институција кај нас се избрани академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам. Научен секретар на Академијата ќе биде Изет Зекири.
На вчерашното Изборно собрание за членови на Претседателството на МАНУ се избрани академиците: Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.
Академик Коцарев доаѓа од одделението за технички науки при МАНУ. Роден е во Скопје во 1955 година. Во родниот град завршил основно и средно образование и дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистрирал на електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1985 до 1999 година бил вработен на ЕТФ, а од 2007 година до денес е дел од кадарот на ФИНКИ.
Според податоците објавени на интернет-страницата на МАНУ, академик Коцарев од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои и во Германија, Италија, Унгарија, Шпанија, Јапонија. Од 2006 година е избран за член на Друштвото на електроинженерите во САД.
Широк е научниот интерес на Коцарев. Опфаќа повеќе подрачја од физика, технички и компјутерски науки – нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теории на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци, пишува во биографијата на Коцарев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.