Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток со почеток во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот Тетовски Универзитет, Башким Меџити.
Организатор и координатор на проектот е Националната галерија на Македонија.
Меџити дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина (Косово), каде и магистрирал. Добитник е на повеќе награди и признанија, остварил над петнаесетина самостојни изложби во државата и странство. Бил прв претседател и еден од иницијаторите за формирање на Здружението на ликовни уметници “ Draudacum”од Гостивар, основач на Факултетот за ликовна уметност при Државниот тетовски Универзитет. Активно се бави со сликарство и скулптура.
Оваа изложба беше презентирана во Националната Галерија, каде што Меџити се претстави со триесетина дела – слики во техника акрил на платно изработени во текот на оваа година. Апстрактниот експресионизам е правецот во кој го реализира ликовниот израз. Случки од природата, урбаната средина и пејзажите ги пренесува во тоналитет на јарки бои, до смирена бела и контрастна црна. Изложбата го носи насловот “СЕРТИФИКАТ ЗА КАФЕ” заради триптихот кој е создаден во доба на глобалната пандемија.
За творештвото на Башким Меџити историчарката на уметност, кураторот, Маја Крстевска, виш кустос ќе запише:
…“ Јаснотија на линијата и изворната чистота на формата плени во најновите слики на академскиот уметник Башким Меџити, кој по тринаесет години повторно изложува во Националната галерија на РС Македонија. Основното тежнеење на Меџити е во тоа да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух со слободни и моќни потези, а понекогаш благи и омекнати, збогатени со повеќезначни линии. Целиот процес при создавањето на уметничкото дело кај Меџити води кон графички пробив, при што се испреплетуваат контрастот и хармонијата со слоевите на бојата и текстурата. Тоа, пак, води кон една динамична композиција на бојата во допир со природата, каде што, всушност, сѐ е во движење и менување.
Инспирацијата ја црпи од природата и од природните богатства, како и од духовните извори на човечкото општество, од различни области какви што се литературата, историјата, музиката, драмата итн. Меџити во современиот живот внесува едноставен елемент, алузивен и мирен, кој секогаш се повторува обоен со духовното. Оваа истенчена љубов кон совршенството, придодадена кон природното, без сомнеж е причина за хомогеноста во неговите дела.
Сликајќи во духот на апстрактниот експресионизам, Башким Меџити се издвојува по својата оригиналност, искреност и чистота, а воедно придвижува една моќна акција со текстурата и боите, со случајните точки по платното, буквите и симболите. Со својата имагинација и интелект, тој се труди објективно да ни ја пренесе и наметне суштината на творечката природа.
Во неговиот последен циклус слики откриваме суптилна хармонија и особено голема свежина, која произлегува од употребата на светли бои, изградени повеќе во хармонија отколку во контраст. Авторот спонтано ги пренесува своите идеи на платната и воедно ни создава чувство како и самите да сме дел од тој возбудлив процес, процес кој заедно со дејството зазема круцијално место во композицијата пред окото на набљудувачот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.