Во Кафе книжарницата „Буква“, вечерва, четврток (1.07.2021) со почеток во 20 часот, ќе продолжи презентацијата на македонските визуелни уметници, со претставување на творештвото на Никола Узуновски.
Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти.
Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.
Серијата на презентации на македонски уметниција продолжуваме со преглед на творештвото на визуелниот уметник Никола Узуновски, преку неговите дела кои се изложувани во земјата и странство во последните две децении. Узуновски припаѓа на генерацијата автори кои се активираат во новиот милениум, период кога станува алармантна ситуацијата со опстанокот на планетата и се актуелизираат прашањата за смислата на уметноста, нејзината општествена улога и односот со науката и новите технологии.
Преку презентацијата уметникот ќе направи преглед на делата создавани во различни медиуми, на различни теми, низ кои ќе нѝ овозможи увид во неговата методологија на работа, изворите на инспирација, важноста на колективната работа и едукацијата на полето на визуелните уметности и теоријата на уметноста, низ неговото лично искуство.Ќе бидат претставени некои од неговитепозначајни проекти, како што се „Одејќи“ (Национална галерија-Чифте амам, 2007), потоа неговиот најпознат и најнаградуван проект „Моето сонце“ (Венециско Биенале, 2009; АКТО, 2010), „Соларни облаци“ (Бангкок, 2013), па сѐ до најновите како „Сакај ја иднината“ (МСУ, 2020), како и контекстот во кои тие се настанати. Комбинирајќи агресивен концептуален јазик со интимни теми, Узуновски го провоцира гледачот и го претвора во неопходен, централен лик во неговите дела. Искуствата, желбите и сеќавањата на набљудувачот, стануваат фундаментален дел од неговите уметнички дела.
Во разговорот ќе се осврнеме и на некои позначајни меѓународни групни изложби на кои учествувал Узуновски, како и околу неговата улога и учеството во активностите на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА во периодот од 2011-2015 година, како е „Разбуди се!“ (март 2013) и видеото „OUT NOW (јули 2014), велат организаторите.
Делата на Узуновски се вбројуваат меѓу најрелевантните и најамбициозни дела на современата македонска уметност по 2000 година,придонесувајќи во развојот на критичко согледување на стварноста и разјаснување на улогата на уметноста во современиот контекст. Темите кои Узуновски ги преиспитува, и начините кои ги конципира своите дела, се релевантни и актуелни во современоста, а инспиративни за развивање на утописки поглед во изградба на иднината.
Никола Узуновски (1979, Земун, Србија)
Визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Изложувал на над сто изложби низ целиот свет. Во 2005 година учествува на 53. Венециско биенале, во проектот „Floating Sites“, а во 2007 година ја освојува наградата Млад европски уметник. Почнува да работи на неговиот проект „My Sunshine“ на Trieste Contemporanea, кој го продолжува подоцна за време на престојот во Полинарија, Абруцо, во 2008 година. Понатаму го развива проектот за македонскиот павилјон на 53. Венециско биенале во 2009 година. Соло-изложбите што треба да се споменат се „Snow“ и „My Sunshine“ во галеријата „Федерико Лугер“ во Милано. Големите групни изложби на кои учествувал и кои не смеат да се изостават се: „Green washing“ во фондацијата „Сандрето Ре Ребауденго“ (Торино, 2008), „Green Platform“ во фондацијата „Строци“ (Фиренца, 2009), „Spaceship Earth“ во Центарот за современа уметност „Знаки Часу“ (Торуњ, Полска, 2011). Во периодот од 2011 до 2015 е дел од јадрото на уметничката Иницијатива Кооперација.
Владимир Јанчевски(1984, Скопје)
Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011).
Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).
Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.