Непосредно пред одбележувањето на 4 февруари – денот на раѓањето на Гоце Делчев, македонскиот национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век, јавноста во Македонија се разбранува поради информацијата дека Комисијата за доделување на државната награда за наука “Гоце Делчев” за 2018 е откажана.
Имено, академик Катица Ќулавкова на социјалните мрежи јавно праша: Знае ли некој зошто е откажана работата на Комисијата за државната награда за наука “Гоце Делчев” за 2018? Дали заради договорот со Бугарија? Неповратно?
Таа дополни дека официјалниот одговор до кој дошла е „дека до откажување дошло поради некои задоцнети термини, процедурално“, но изрази сомнение.
-Па и да е така треба некој да сноси одговорност. Тоа е актуелната културна политика, напиша Ќулавкова.
Редакцијата на „Република“ се обрати до Министерството за образование и наука со цел да добиеме одговор за што станува збор и дали ќе се укине наградата „Гоце Делчев“, но до објавувањето на текстот не добивме одговори. Од службеното лице одговорно за остварувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во Министерството за образование ни беше соопштено дека прашањата се препратени во Одделението за односи со јавност и дека оттаму ќе ни одговорат.
Со наградата „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Република Македонија и таа се доделува за научно остварување објавено во претходната година. Досега ова високо државно признание го добиле: академикот Ѓорѓи Филиповски, проф. д-р Јосиф Митрикески, проф. д-р Татјана Миткова, доцент д-р Миле Маркоски, проф. д-р Диме Петковски, проф. д-р Душко Мукаетов, проф. д-р Марјан Андреевски и проф. д-р Коле Василевски, д-р Валентина Миронска-Христовска, д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни, Славчо Ковиловски, Д-р Јасна Котеска, Д-р Ванчо Спиров, Д-р Трајче Стафилов, Д-р Роберт Шајн…и уште многу други истакнати дејци.
Своевремено академик Владо Камбовски, при врачувањето на наградата истакна дека „највисоката државна награда за научно дело го носи името на Гоце Делчев како признание дека неговата идеја за културната и свесната акција како најсилна движечка енергија и претставува трајна заложба на македонската современост. Наградата, е и синоним на стремежот на севкупниот општествен научен и културен развој да се потпира врз сопствени сили и знаења, давајќи поттик на домашната наука да се фати во костец со предизвиците на иднината“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.