Издавачки центар ТРИ ја објави книгата за деца „Се гледаме во Опсан“ од шведската авторка Сила Јакерт, во превод на Ивица Челиковиќ. Книгата е дел од новата едиција „Магични приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Издавачот посочува дека во овој роман за самоодговорноста да се порасне надминувајќи ги семејните кавги, промени и проблеми, авторката успеала да претстави неколку детски ликови што пленат со својата едноставност и нѐ поттикнуваат на размислување за нивното место во семејството и во светот.

Овој роман ќе ве одведе на најљубопитниот рид на едно детство, на кој се наоѓа Опсерваторијата во Стокхолм, или Опсан, местото каде што неколку деца го поминуваат летниот распуст криејќи се од себе и од светот. Аника, коja со душа го чека распустот, по една малку прерано дојдена новина во семејството, мора да остане во градот и да се помири со тоа дека ѝ пропаѓаат сите замисли за одмор со мама и тато. Но секоја промена на планот носи и добри нешта…, соопшти ТРИ.

Сила Јакерт е шведска авторка на книги за деца и работи како уредник на весник и сценарист. Во 2013 година ја доби наградата „Чатал“ на Сојузот на писателите на Шведска за дебитантската книга „Денешни катастрофи“. Книгата „Се гледаме во Опсан“ ја објави во 2014 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.