Годишната програма за култура за 2020 година е повеќе од скандалозна. Критериумите по кои се делат парите на граѓаните се политички, а политиката и културата не одат заедно. Затоа три години не постои ниту „к“ од културата која во континуитет тоне, вели Зоран Љутков, претседател на Комисијата за култура во ВМРО ДПМНЕ.
Според него, СДСМ се колнеше во транспарентност, а сега јавноста не знае која национална установа колку средства побарала од државата, а колку добила.
Јавноста и културните работници немаат одговор според кои критериуми биле предвидувани средства за поддршка на проекти или на уметници. Целата постапка се водела нетранспарентно без јасна претстава што и како ќе работат националните институции од културата и за која намена ќе се трошат милионски суми народни пари, изјави Љутков.
Дополнително кај уметниците и културните работници се јавува сомнеж како се одлучувало кој проект да добие, а кој да не добие средства и поддршка.
Така на пример имаме случај во кој на Меѓународниот фестивал „Пеце Атанасовски“ – Долнени, што е 46-то издание по ред годинава, му се доделуваат помалку пари од 29-тото издание Фестивал на преработени и стилизирани албански песни „Кенге јехо“, исто како и на некој КУД „Лулет е Малсис“ „Јануарски Пламен 2020“. За „Гоце Фест“ се одвоени само 100.000 денари, а годинава е 35 годишен јубилеј. И само за споредба ако за „Гоце фест“ се одвојуваат ситни суми, милиони се доделуваат на проекти како „Контрапункт“ во износ од 1 милион денари, Факултет за работи што не се учат од 1 милион и 250 илјади, „Јадро“ во износ од 1 милион и 100 илјади, „Локомотива“ во износ од 1 милион, Центар за современи уметности Скопје во износ од 650 илјади и слично. Овде нема ниту логика, ниту јасна поддршка на културата во Македонија.
За жал оваа година, како и изминатите три годишни програми сме сведоци на скандалозни одлуки, со кои наместо унапредување на културата и јакнење на институциите гледаме поткусурувања со партиска и политичка позадина. Комисијата која одлучувала за распределба на средствата задоволувала на нарачки и желби, наместо да поддржува реално културни вредности во Македонија, вели Љутков.
Министерството за култура, не е и не смее да биде пазар, туку вистински промотор и заштитник на културните вредности.
После 12-ти април културата и уметноста ќе го добијат заслуженото внимание. Ваквото беззаконие не смее да се повтори, заврши Љутков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.