На 21.12.(петок) во 19.00 часот, во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје ќе се отвори самостојната изложба на Родољуб Анастасов, “Човек и простор”.
Ќе бидат изложени 30-ина дела од еден од најпознатите и најобемни циклуси од творештвото на Анастасов, “Човек и простор”, изработени во различни техники – пастел на хартија, масло на платно, акварел, комбинирана техника и сл.
Изложбата е годишна, односно ќе биде поставена во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов” до декември 2019 год.
Циклусот на кој Анастасов му е посветен најдолг период е “Човек и простор”. Тој на него работи од 1978 до 2008 година. “Човек и простор” е циклус за осаменоста на субјектот во урбаниот простор и воопшто во светот во кој некој се наоѓа надвор од прозорецот. Луѓето во оваа голема серија дела се силуети кои се наоѓаат во некаков свет, предел или град со кој не се во реален контакт. Тежиштата на односите и пораките постојано поседуваат некоја неодреденост која се движи меѓу дистанцата на уметникот и светот околу него или во други случаи на отуѓеноста, алиенацијата на урбанизираниот човек, а можно е дека во тие глетки може да се почувствува некој поглед на идеологијата која луѓето ги доживува како толпа.
Лазо Плавевски
Централниот настан во сликарството на Родољуб Анастасов е човекот. Сите изложени слики се искази за видовите на неговото присуство во урбаните средини, градовите од бетон и челик, индустриските хали. Меѓутоа, на погрешна страна би не одвело толкувањето на насликаните простори во смисла на нивно дискредитирање, зашто постојаниот судир меѓу природата и интервенцијата на човекот во неа се сведува врз неговото постоење, ако ги насочиме видувањата до некои елементарни корени на таквото однесување на човекот вообличено е само елементарното чувство на човековото присуство, драматиката на преживувањето, динамиката на животот, неизвесноста.
Александар Богоевиќ
Анастасов се занимава со смислата на изолацијата на човекот во градот. Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контрапункт ги изнесува со симболични, психолошки и политички набои што го карактеризираат неговото дело.
На сликите просторот е даден како да заронува, како во патување и исполнет со групи од фини и прилепени човечки фигури. Замислени како сцени од улица тие го проучуваат суптилниот развој на комплексните односи меѓу овие анонимни силуети, наизглед осамени, разделени и меѓусебно индиферентни. Индивидуата во толпата на големите градови живее се повеќе и повеќе изолирана и во несклад со сама себеси и својата околина.
Човечката фигура, анонимна, но затоа физички индивидуална, е ставена во просторот во сооднос со другите човечки претстави кои се движат во градскиот простор. Трпеливи, тие не ја губат надежта за комуницирање, но времето тука не помага. Овие мали личности одејќи во сите насоки вознемирени во очекување на нејасно и неодредено собитие и во страв од утрешната неизвесност.
Клод Робер
РОДОЉУБ АНАСТАСОВ е роден 1935 година во Скопје, Македонија. Професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во пензија. Дипломирал на Академија за ликовна уметност во Белград. Пет години бил член на Меѓународната Група “Јуниј”. За неговото творештво објавени се две монографии: ВЕЛИЧКОВСКИ, Владимир, Родољуб Анастасов, Скопје, Табернкул, 1995. и АНАСТАСОВ, Родољуб, Catalogue reisone: НУ Музеј на современa уметност, Скопје 2011. Некогашен политички робијаш од Голи Оток.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.