Саемот за книга нема да изгуби на квалитет и покрај тоа што првпат се одржува на отворено, сметаат дел од издавачите кои ќе учестуваат на годинашниот Саем кој ќе се одржи од 8. до 14. септември на отворено во СЦ „Борис Трајковски“, кај Аква Паркот под монтажни објекти.
Саемот ќе ги понуди сите содржини како и досега – огромен избор на книги, промотивен центар за настани, средби со автори (на дистанца). Она што досега беше поим за успешен саем сега ќе го имаме на отворено, за доброто на сите. Саемот покрај тоа што се одржува на отворено секако нема да изгуби на квалитет – програмата што ја подготвивме во ТРИ е сериозна – со голем број на новитети, попусти и промотивни активности, единствено ќе изостанат гостувањата на автори од странство, вели за „Република“ Бојан Саздов, главен уредник на издавачката куќа „ТРИ“.
Билјана Петровска, менаџерка на продажба во „Полица“, смета дека можеби посетеноста на Саемот нема да биде како во претходните години бидејќи школската година почнува на 1 октомври.
Но, љубителите на книгата ќе дојдат, зашто, сепак, се работи за настан кој се случува со години, но овој пат просторот е помал и е на отворено. „Полица’ како издавач се реши да го прифати предизвикот за присуство на Саемот, со цел да се задржи традицијата на овој настан без никакви посебни очекувања во однос на продажбата, бидејќи веќе со месеци скоро сите издавачи ги нудат изданијата по саемски цени и во книжарниците и преку своите е-продавници, вели Петроовска.
Издавачката куќа „ТРИ“ ја поддржа идејата за организирање на Саемот на отворено и смета дека со почитување на протоколите ќе се одржи безбеден и успешен Саем.
Нашата желба е да ја продолжиме традицијата на одржување на Саемот на книга и затоа ја поддржавме идејата да се организира саем на отворено, да се адаптираме на новите услови и со почитување на протоколите да имаме безбеден и успешен Саем. Сметаме дека решението е одлично и очекуваме и се надеваме на поддршка од читателите и пошироката јавност како и досега, вели Саздов.
„Полица“ заедно со другите членки на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) веќе неколку години е дел од организирани саеми-каравани на отворено надвор од Скопје, еден дури беше неколку дена пред новогодишните празници.
Така што моментот „ на отворено“ никогаш не бил исклучен. Сметам дека просторот и површината ја прави атмосферата на еден саем на книга. Овогодинешниот саем ќе биде релативно импровизиран, ќе има шатори, а под шаторите издавачи. Сите ќе бидат со маски и ќе се движат како што наложува протоколот. Затоа мислам дека нема да ја даде вистинската слика дали расположението е повеќе за Саем на книга на отворено или во затворен простор, смета Петровска.
Саемот ќе ги понуди сите содржини како и досега – огромен избор на книги, промотивен центар за настани, средби со автори (на дистанца).
Она што досега беше поим за успешен саем сега ќе го имаме на отворено, за доброто на сите. Ако Саемот на отворено нуди подобро искуство за посетителите и излагачите, секако би го повториле, вели Саздов од „ТРИ“.
Сања Кондарко е оперативен директор Глобал медиа груп, организатори на саемот. Ја прашавме дали поради целата ситуација со ковид-19 се очекува намален број на посетители.
Досега вообичаена глетка беше големата гужва на ученици и млади пред билетарите и низ штандовите на Саемот на книга кои преку организирани групни посети ја разгледуваа понудата на издавачите и ги следеа промоциите на нови наслови. Секако, оваа година, заради новонастаната ситуација со корона вирусот кај нас но и на глобално ниво и воведените мерки и протоколи за заштита на јавното здравје од владините институции кои во целост ќе бидат испочитувани, бројот на посетители кои во еден момент се присутни на Саемот на книга 2020 ќе биде ограничен, но сметаме дека за време а седумте саемски денови од 8-14 септември 2020 со 10 часовното работно време на саемот (од 10.00-20.00 часот) ќе бидат сосема доволни да сите љубители на пишаниот збор сосема сигурно и безбедно да го посетат Саемот на книга, вели Кондарко.
Со Саемот на книга на отворено, започнува и првиот од саемите под мотото: “безбедни саеми”, кои пред сè ќе ја имаат предвид безбедноста на посетителите и изложувачите и ќе се адаптираат на новонастанатите услови.
Ние како организатори на Саемот на книга 2020 ги преземавме сите мерки за безбедност и хигиена кои се во согласност со препораките од страна на здравствените власти кои мерки ќе овозможат безбедни услови и на изложувачите и на посетителите и целосно сме подготвени да реализираме успешно издание на саемот.
За време на Саемот на книга 2020 ќе важат следните мерки:
• Бројот на посетители присутни во еден момент на Саемот на книга 2020 е ограничен и ќе биде регулиран од страна на редарска служба
• На влез на саемот, на секој посетител ќе се мери телесна температура со бесконтактен термометар. Влез ќе биде овозможен само на лице без покачена телесна температура
• Задолжителна дезинфекција на рацете на влезот на саемот и на штандовите
• Задолжително е носење на заштитна опрема (маска, марама) за покривање на носот и устата. Нема да биде дозволен влез на лица без заштитна опрема
• Задложително почитување на мерката за држење дистанца на минимум растојание од 1,5-2 метра
• Коридорско движење низ Саемот за да се намали гужвата со одвоен влез и излез од Саемот
На саемот ќе земат учество повеќе од 40-тина издавачки куќи кои најавија дека ќе ги претстават своите најнови изданија, како и голем број на промоции и големи саемски попусти до 70 отсто. Љубителите на книгата ќе може да избираат од понудата на голем број домашни и странски автори, домашна и странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца.
Саемот на книга и оваа година е организиран во соработка со Македонската Асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија. Билетот за влез чини 30 денари, а за деца и млади до 18 години изнесува 20 денари. Билетите ќе може да се набават онлајн на www.karti.com.mk и на билетарите пред влезот на Саемот.
Впечатоците и искуствата од организирање на Саем на книга на отворено ќе ги сумираме после завршувањето на претстојниот саем. Секако, при подготовката на ова издание на саемот и ние како организатори а и изложувачите се соочивме со одредени дилеми, но заеднички донесовме одлука за одржување на континуитет на саемот под целосно безбедни услови на отворено и прилагодување на „новото нормално”, особено имајќи предвид дека не се знае колку време ќе трае корона кризата. Зависно од околностите во иднина ќе донесеме соодветни одлуки за начинот на организирање на идните изданија на саемите, заврши Кондарко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.