По „Viagra Boys“ од Шведска, МКЦ го најавува „Shortparis“ – најдобриот руски чин во живо, воедно и првиот руски изведувач кој ќе настапи на фестивалот „Здраво млади“, чие единаесетто издание е закажано за 26 и 27 август во Парк МКЦ.

Предводени од харизматичниот фронтмен Николај Комиагин, ‘Shortparis’ доаѓаат од Русија и се на добар пат да добијат меѓународно признание. Бендот продолжува да гради репутација со нивните неверојатни ритуалистички настапи и темни, електронски звучни сцени, велат од МКЦ.

Настапувајќи на руски, француски и англиски јазик, посочуваат од МКЦ, „Shortparis“ се приближуваат сѐ поблиску до пригоден саундтрак за нивното секојдневие, звук што го отсликува Санкт Петербург како што беше и сѐ уште е. Нивните музички спотови се доста интензивни, како на пример придружните визуелни содржини во „Страшно“.

Текстовите ја отсликуваат моменталната состојба на вознемиреност, додека визуелните материјали се обидуваат да откријат еден вид постојана хистерија, соопштува тимот од МКЦ.

Од бендот, пак, раскажувааат дека само неколку часа по снимањето во училиштето, некој повикал полиција за можни терористички активности:

Нашето музичко видео се обидува да ја манифестира состојбата на некој дел од нашата генерација. Таа е провокативна и се однесува на некои социјални трагедии, кои не се рефлектираат во нашата визуелна култура. Табуата и стравовите се отвораат: без оглед што е напишано со арапски букви, ‘љубов’ или ‘пријателство’, тоа мора да биде тероризам, ќелавите глави мора да значат нацисти итн. Но, по целата оваа игра со значења, останува само вознемиреноста и таа расте.

Од МКЦ потенцираат дека фестивалот на нова музика ќе се реализира согласно мерките за организирање настани на отворен простор и капацитетот е лимитиран на 500 посетители.

Еarly bird билетите се пуштени во продажба по цена од 800 денари (за двата фестивалски денови на 26 и 27 август). Истите се достапни на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk.

Следуваат уште ‘жешки’ имиња во најава. Наш пријателски совет – набавете си билет на време, велат од МКЦ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.