Добитник на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, е романската поетеса Ана Бландијана. Одлуката денеска ја соопшти Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Наградата на годинашната лауреатка ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“ na годинашното издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 21 до 28 август.
Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландијана, (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60 –тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.
Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото…
Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа – творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето“, истакна Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“.
Шелева подвлече дека „една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландиана, доаѓа од богатата, високо респектирана книжевност и динамична литературна сцена, каква што е романската, а која до сега ги изнедрила светски афирмираните авторски имиња, како што се Емил Сиоран, Ежен Јонеско, Никита Станеску (кој, своевремено, и самиот бил лауреат на Струшките вечери на поезијата), Михаил Еминеску и многу други врвни авторски имиња“ .
Лириката на Бландијана е лирика со медитативна, на пати исповедна интонација, обележана од постојаниот егзистенцијален немир и длабоката запрашаност над темелните дилеми на човековата судбина, проникната од искуството (и предизвикот) на другоста/инаквоста, прашањата за моралната одговорност и незаобиколноста на моралниот став, креативната сила на љубовта како базична светотворна и книжевна енергија, драматичните, а премолчани загатки и искушенија на творечкиот чин, вели Шелева.
Тоа неподелено чувство на восхит и почит кон творештвото на Бландијана, впрочем, го потврдуваат и пофалбените зборови на Чарлс Алтиери, од универзитетот во Беркли, кои се запишани на кориците од англиското издание на нејзините песни:
Ана Бландијана се вбројува меѓу најдобрите европски поети и чудесна е нејзината способност да ги приближи читателите за да ги споделат најинтимните околности со поетот, дури и тогаш, кога песната се усложнува и ја продлабочува својата смисла, со помош на неодминливата метафизичка димензија на искуството… Таа е чист лиричар, со убедливи метафори, што ја раздиплуваат нејзината смисла за ‘светата празнина“ како негативно изобилство “.
Исто така беше истакнато дека литературата на Ана Бландијана беше своевремено препознаена и вреднувана од страна на фестивалот Струшки вечери на поезијата – за што сведочи објавувањето избор од нејзината поезија „Архангел во саѓи“, во рамки на едицијата „Плејади“, точно пред 15 години, во 2004 година – со препев (и извонреден поговор) од нашата, меѓународно реномирана авторка, Лидија Димковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.