Американската издавачка куќа „Далки аркајв прес“ го објави македонскиот роман „Неверство“ на Дејан Трајкоски. Англискиот превод на книгата е дело на преведувачот Пол Филев.

„Далки аркајв прес“ е една од најреномираните издавачки куќи во САД кои објавуваат литературни преводи и имаат професионална дистрибуција на пазарот во САД и Ирска. „Далки аркајв прес“ е познат и по годишната антологија на нова европска проза со која промовира триесетина автори од Европа пред читателите во САД. Од овие простори, во нивното портфолио се преводите на англиски јазик на дела од Данило Киш, Давид Албахари, Светислав Басара, Георги Господинов, Румена Бужаровска…, информира македонскиот издавач на романот, „Бата прес“.

Романот „Неверство“ во 2015 година беше финалист за годишната награда за прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“, беше во потесен круг за наградата на „Утрински весник“, а ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“.

Дејан Трајкоски е идеен автор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и уредник на издавачката куќа „Прозарт медиа“. Автор е и на романот „Вистина. Љубов. Рашомонијада“ (2012).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.