Почетокот на секоја сезона во Младинскиот културен центар се одбележува со манифестацијата Роденден на уметноста, оваа година закажана за 18 јануари (сабота). Настап на неформалната театарска трупа Импров театар, концерти, Диџеј сетови, детска работилница, предавања во Планетариум за деца и возрасни, промоција на книга…
Во склоп на целиот настан ќе се случи и официјалното отворање на реновираниот простор во МКЦ (горно Фоаје) со изложбата „МАЛИ ХУМАНИ ИНОВАЦИИ“ на студентите од насоката Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје.
Програмата ќе започне во 18:00 часот, со детската работилница „Играј со светлината“ чии ментори се: Нина Максимовa, Дени Стојанов и Доротеј Нешовски. Целта на работилницата е на децата да им се доближи театарот на сенки, игра со светлина и бои и имагинацијата за создавање ликови. Истовремено започнуваат и серија предавања во Планетариумот, реализирани во колаборација со Скопско астрономско друштво, од кои: едно предавање за деца и две предавања за возрасни. Потоа во кино Фросина ќе се одржи промоција на книгата „Македонска сага“ од Сунчица Уневска, по која следува настап на Импров група. Од 20:00, односно 20:30 публиката ја очекува отворање на двете изложби закажани за вечерта, „Портрет и личност“ на Марина Убавкова, во галеријата на МКЦ, како и „МАЛИ ХУМАНИ ИНОВАЦИИ“ во новиот реновиран простор во горното Фоаје.
Музичката програма ќе започне во 20 часот со Бојан Чакра, кој ќе настапи пуштајќи музика на плочи во просторот Ап(о)тека. Од 22 часот се отвора сала „25 Мај “каде ќе настапат Dogs in Kavala, Porto Morto и The Local Blue кои ќе го промовираат новиот албум „2nd landing“. Диџеј сетовите на Ивана Драгшиќ, Теа Шалдева и Виолета Качакова ќе го заокружат овогодишниот Роденден со журка во бифе која ќе започне по полноќ и ќе трае до раните утрински часови.МКЦ ве поканува на Роденденот (на уметноста), влезот е СЛОБОДЕН!, велат организаторите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.