На покана на „Соло танц фестивал“ од Анкара, Турција, во периодот од 18 до 21 септември, кореографот Рисима Рисимкин и танчерката Адријана Данчевска од Скопје танцовиот театар гостуваат во програмата на фестивалот со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин, насловен „Фаталност“. Музиката е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, дизајн на сцена на Матеа Мијановиќ.

Ова е прв пат од новонастанатата ситуација со КОВИД-19, Скопје танцовиот театар да настапува надвор од Македонија. Во програмата, покрај Рисимкин и Данчевска, ќе се претстават и уметници од Луксембург, Италија, Франција, Израел, Полска, Украина и Турција, а фестивалот се одржува во ЦЕР Модерн центарот во Анкара, на отворена сцена.

Многу сме среќни што имаме можост повторно да настапуваме надвор од земјава и да покажеме дел од нашата најнова продукција, јубилејната претстава на Рисима Рисимкин. Вистински предизвик е да се споделува уметничката енергија со уметници од светот, вели Адријана Данчевска.

Во рамките на програмата на фестивалот ќе биде претставена работата на Скопје танцовиот театар, фестивалот „Танц Фест“, како и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, која годинава отвора студиска програма на англиски јазик и на која веќе има пријавено повеќе странски студенти кои ќе студираат современ танц на УГД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.