Кореографката Рисима Рисимкин е избрана за член на Интернационалниот комитет, кој за прв пат се формира во Центарот за современ тaнц во Tел Авив, Израел, „Сузан Делал“. Рисимкин е во друштво со извонредни уметници, како Самуел Вуерстен од „Holland Dance Festival“ од Холандија и Универзитетот за убави уметности – танцов оддел; Цирих, Швајцарија, кореографот Ед Вуб, Скапино балет Ротердам од Холандија; Кристијан Вети, директор на фестивалот „Euro-scene“ Лајпциг, Германија; Иван Лиска, уметнички директор на „Bavarian Junior Ballet Munich“, Германија; Џејсон Бичеј, ректор на „Универзитетот за танц Палука“ од Дрезден; Германија, Лиса Розова, директор на „Март фондацијата“ и Ивона Кројзманова, директор на „Праха танец“ од Република Чешка; кои ќе споделуваат програми и ќе промовираат уметници.

Навистина сум возбудена со оваа чест која ми е укажана, да бидам дел од ваков комитет, но и од Центарот „Сузан Делал“, кој има извонредна репутација на светско ниво. Се радувам што нашите успеси се рангираат надвор од земјава, се признаваат и тоа ни отвора пат кон соработка со извонредни уметници на светско ниво. Тоа е можност за сите и ќе се потрудам најдобро да се искористат сите прилики, изјави Рисима Рисимкин.

Центарот „Сузан Делал“ е еден од најважните светски центри за промоција на современиот танц на светско ниво. Основан е во 1989 година, со мисија да ја негува, поддржува и промовира уметноста на современиот танц во Израел, преку огормна понуда на различни претстави, настани, фестивали, програми и работилници од светот на современиот танц и изведувачките уметности. Центарот „Сузан Делал“ иницира и е домаќин на танцови продукции од светска класа и едукативни активности, со што промовира високо квалитетни продукции и настани од областа на современиот танц. Центарот промовира десетици иновативни програми за негување и поддршка на нови уметници, обезбедувајќи платформи за прокажување на нови, оригинални продукции и пристап до нова публика. Центарот е дом на танцовата компанија „Батшева“ и танцовиот театар „Инбал“.

Од 2016-2018 година, Центарот е во процес на историско реновирање со цел да се обезбедат повеќе простори за танцување. Во 2010 година, Центарот „Сузан Делал“ е награден со „Наградата на Израел“, најпрестижна и највисока чест во земјата. Од своето основање, Центарот е одговорен за позиционирање на израелскиот танц на светската мапа, на меѓународно ниво, и позиционирање на танцот како централен дел од израелската култура. Центарот служи како отскочна даска за многу израелски кореографи и фестивали. Со преку 600 изведби секоја година, Центарот иницира повеќе од 100 креативни рамки и презентираше преку 1.300 премиери. Тоа е најпосетувано туристичко место во Тел Авив, со над половина милион посетители годишно. Денес, додека танцовиот екосистем на Израел продолжува да расте и да цвета, центарот „Сузан Делал“ останува сидро на сцената, презентирајќи и продуцирајќи стотици претстави секоја година и е домаќин на фестивали и програми кои нудат можности за танцови уметници во сите фази на развој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.