Ријека во Хрватска и Голвеј во Ирска ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата” во 2020 година, а ја преземаат од италијанскиот град Матера и бугарскиот Пловдив кои во 2019-та ја славеа културата на Европа.
Во 2020 година, кога Хрватска ќе претседава со Европската Унија, нејзиното најголемо пристаниште – Ријека ќе биде центар на културата. Целогодишната програма ќе се реализира под мотото „Пристаниште на различности” и ќе поставува актуелни европски културно-општествени прашања. Три главни програмски теми се водата, работата и миграциите, како симболи на испреплетувањето на идентитетот на Ријека и современа Европа.
Официјалното отворање на програмата е на 1 февруари, а во цела 2020 се планирани повеќе од 600 настани. Во подготвувањето се вклучени над 250 партнерски организации и учество на уметници од 40 земји од Европа и од светот.
И програмата во Голвеј, град на западниот брег на Ирска, официјално ќе почне на 1 февруари и под слоганот „Нека влезе магијата” ќе трае до крајот на јануари 2021.
Најавени се повеќе од 1.900 настани со учесници – партнерски организации од 30 земји. Ќе се одржуваат во градот Голвеј, како и и во околните села и острови, и ќе се совпаѓаат со четирите огнени сезони на античкиот келтски календар. Темите на кои е фокусирана програмата се јазикот, пејзажот и миграцијата.
Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на проектот „Европска престолнина на културата”. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.
За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на Европската Унија.
Во 2021 титулата треба да ја делат три града – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, во 2022 – литванскиот Каунас и Еш во Луксембург, во 2023 – унгарскиот град Веспрем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.