Под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева, учесниците на осмата сесија на Филмската училница разгледуваа идеи и дефинирање на сценаријата што ќе ги реализираат како видео-етиди.

Како што соопштија од Кинотека, предавањата на осмата сесија биле фокусирани на анимираниот филм.

Учесниците најпрвин имаа можност да погледнат пет наслови на автори од познатото Студио за анимиран филм на „Вардар филм“ од неговата „златна ера“ – седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Се работи за наградуваните анимирани филмови ЕМБРИО No. М (првиот македонски анимиран филм) и АДАМ (5 до 12) на Петар Глигоровски, потоа „Отпор“ на Боро Пејчинов, „Рака“ на Дарко Марковиќ и „Апартман“ на Афродита Марковиќ, се вели во соопштението.

Учесниците биле дел и од филмската работилница со авторите на анимирани филмови од новата генерација, Жарко Иванов и Крсте Господиновски, вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.

Проектот е финансиран од Министерството за култура. Во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.