Револуционерот на современото кино и еден од највлијателните европски режисери Бела Тар ќе одржи мастерклас на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој оваа година се одржува по јубилеен, 20. пат, од 15 до 21 јули.

Особено сме горди што годинава имаме мастерклас на највлијателниот европски режисер изминативе 30 години, револуционер на современото кино, господинот Бела Тар. Едноставно правиме сѐ за да ја надминеме дистанцата и да го живееме и уживаме филмот во оваа топла, летна скопска недела на „Синедејс“, изјави Маргарита Арсова програмски координатор на Фестивалот.

Јубилејот ќе биде одбележан со одлична програма, од која дел донесена директно од Канскиот фестивал, свежи наслови и имиња, како и богата музичка програма. Отворањето на фестивалот е со музичката драма „Анет“, a затворањето на фестивалот е со „Човечко срце“ на Педро Алмодовар.

Годинешнава програма, на наша радост, вклучува и гости од регионот и малку пошироко, дел од нив и физички присутни, дел онлајн со свои предавања, мастеркласови и средби со публиката, рече Арсова.

Фестивалот ќе се одржува под слоганот „Филм фактор 20“. Филмовите ќе се прикажуваат на отворено, во паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Градскиот парк, паркот Ибни Пајко, а за најмладите ќе има два филма во кино „Милениум“, како и локациите покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале.

Селектор на програмата е долгогодишниот соработник на фестивалот Бернд Будер. Годинава ќе има филмови структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко филм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, SEE програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и др.

Како дополнителна програма на фестивалот е „Living music project“ со кој на пет филма ќе се изведува музиката во живо, создадена од различни тимови од композитори и режисер, потоа предавање на тема „Музиката во македонскиот филм“ на проф. д-р Александар Трајковски.

На фестивалот публиката ќе има можност да ги погледне најновите остварувања на Јасмила Жбањич, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола, Кирил Сребреников, Вуди Ален, Педро Алмодовар…

Билетите за овогодишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од поп-ап кино, кои се бесплатни. Билетите може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на овие локации.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.