НУ Национална галерија на Македонија, во рамките на својата Годишна јубилејна програма за 2018 година, ја најави Ретроспективнaта изложба на Танас Луловски Тане, како еден од доајените на македонското современо сликарство, кој даде силен белег и остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Изложбата ќе биде отворена на 20 декември во 19 часот, во изложбениот простор на Даут пашиниот амам.
Танас Луловски е роден на 20 февруари 1940 год., во Желево, Леринско, денешна Грција. Основно училиште завршува во Бела Црква, Војводина, а потоа заминува во Романија каде едновремено ќе се запише во гимназија и во уметничко училиште (Јаши, Романска Молдавија). По завршување на средното училиште во 1961 година заминува во Букурешт, каде ќе конкурира и биде примен на Факултетот за ликовни уметности. 1967 година дипломира на Институтот за ликовни уметности Николае Григореску во класата на проф. Александру Чукуренко. До 1985 год. Луловски е слободен уметник. Како стипендист на Италијанската влада, 1970-71, специјализира сликарство во Рим. Студиски патувања во Париз, Амстердам, Мастрихт, Виена, Фиренца, Њујорк, Торонто. Од 1985 год., работи како професор по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Починува на 2 август 2006 година, во Скопје.
На изложбата која претставува одбележување на повеќедецениското творештво и каракатеристичен авторски белег на овој наш еминентен сликар Танас Луловски Тане, ќе бидат поставени дела (слики и цртежи) од сите фази од неговото творештво, кое започнува во 60-те год. на минатиот век. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации на ликовни автори, а земaјќи во предвид дека досега не е напаравено вакво ретропсективно прикажување, и покрај парцијалните претставувања на неговите дела во последните 10-ина години, оваа ретроспективна изложба ќе преставува своевиден пресек на неговото творештво, укажувајќи на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.
Изложбата ќе биде отворена на 20ти декември 2018 година во 19 часот, во атрактивниот објект Даут пашин амам, а ќе содржи слики и цртежи од различни творечки периоди на Танас Луловски Тане. Делата кои ќе бидат претставени се сопственост на семејството на авторот, на повеќе институции (НУ Национална галерија на Македонија, НУ Музеј на современата уметност, НУ Центар за култура Антон Панов Струмица,), како и на значаен број приватни сопственици. Изложбата ќе биде отворена до 20.02.2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.