На 2 септември (понеделник) во паркот на Кинотеката, со почеток во 20:00 ч. филмофилите ќе имаат уникатна можност да проследат неколку наслови од филмската класика.
Со проекцијата на неколку странски и еден домашен филм под отворено небо, на класичните формати 16 мм и 35 мм, Кинотеката ви пружа можност да се потсетите на кино-атмосферата за време на летните периоди во Скопје, каде што пред неколку децении постоеле неколку летни кина под отворено небо.
Влезот на проекциите е бесплатен, а посетителите на настанот ќе можат да уживаат во избор од домашни крафт пива.
На РЕТРОКИНОТО ПОД ОТВОРЕНО НЕБО во паркот на Кинотеката ќе бидат прикажани следниве наслови:
ФИЛМОВИТЕ НА БРАЌАТА ЛУЈ И ОГИСТ ЛИМИЕР
Документарни филмови, Франција
1895, 10 мин., црно-бели, 35 мм
Историјата на филмот започнува на 28 декември 1895 година во Индискиот салон на Гран кафе, на булеварот Капусинер во Париз, со проекцијата на неколку кратки филмови на браќата Лимиер. Изумителите на направата „кинематограф“ пред 120 љубопитни гледачи во Гран кафе прв пат јавно прикажале 10-тина кратки филмови: ИЗЛЕГУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ОД ФАБРИКАТА „ЛИМИЕР“ ВО ЛИОН, ВЛЕГУВАЊЕ НА ВОЗОТ ВО СТАНИЦА, ЧАМЕЦОТ ОТПЛОВУВА ОД ПРИСТАНИШТЕТО, ПОЈАДОКОТ НА БЕБЕТО, ПОЛИЕНИОТ ПОЛИВАЧ, КОВАЧИ, РУШЕЊЕ ЅИД, САДОТ СО ЦРВЕНИТЕ РИПЧИЊА, КАПЕЊЕ В МОРЕ, ОТКРИВАЊЕ НА СПОМЕНИК, ИСТОВАРУВАЊЕ НА УЧЕСНИЦИТЕ НА КОНГРЕС, ЖИВОТОТ И МАКИТЕ НА ИСУС ХРИСТОС…
Историјата на филмот забележила дека ИЗЛЕГУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ОД ФАБРИКАТА „ЛИМИЕР“ ВО ЛИОН се смета за првиот филм. Трае 46 секунди, снимен е со техниката 16 сликички во секунда, има вкупно 736 сликички, а должината на филмската трака била околу 17 метри, колку што збирало во касетите на тогашните филмски камери…
ПАТУВАЊЕ ДО МЕСЕЧИНАТА
(Le voyage dans la lune / A Trip to the Moon)
Игран филм, Франција
1902, 13 мин., црно-бел, 16 мм
Режија: Жорж Мелиес (Georges Méliès)
Сценарио: Жорж Мелиес (Georges Méliès), според новелите на Жил Верн и Х.Г. Велс (Jules Verne, H.G. Wells)
Улоги: Жорж Мелиес, Виктор Андре, Блует Бернон (Georges Méliès, Victor André, Bleuette Bernon)
Ако филмовите на браќата Лимиер се сметаат за никулци на документаристиката во филмот, ПАТУВАЊЕ ДО МЕСЕЧИНАТА е родоначалник на играниот род. Сторијата на фантастичната авантура на Мелиес говори за група астрономи кои организираат патување до Месечината.
Нивното вселенско летало е катапултирано со помош на голем топ и тоа слетува на површината на Месечината. Астрономите се грабнати од жителите на Месечината, меѓутоа тие успеваат да побегнат и да се вратат на Земјата. Притоа, бркајќи ги бегалците, еден жител на Месечината успева да го фати вселенското летало, така што и тој пристигнува на Земјата. По враќањето, астрономите организираат парада…
КАБИНЕТОТ НА ДОКТОР КАЛИГАРИ
(Das Cabinet des Dr. Caligari / The Cabinet of Dr. Caligari)
Игран филм, Германија
1920, 67 мин., црно-бел, 16 мм
Режија: Роберт Вине (Robert Wiene)
Сценарио: Карл Мајер, Ханс Јановиц (Carl Mayer, Hans Janowitz)
Улоги: Вернер Краус, Конрад Вајд, Фридрих Фехер, Лил Даговер, Ханс Хајнрих фон Твардовски (Werner Krauss, Conrad Veidt, Friedrich Feher, Lil Dagover , Hans Heinrich von Twardowski)
Во малото место Холштенвал се одржува годишниот саем на кој своја претстава дава и д-р Калигари (Краус), кој го прикажува Чезаре, човекот-месечар (Вајд). Истата ноќ, се случува мистериозно убиство. Двајца другари, Францис (Фехер) и Алан (Твардовски) ја посетуваат претставата и Чезаре му претскажува на Алан дека ќе живее до зората. Навистина, таа ноќ, непознат човек го убива Алан.
Францис одлучува да го истражи мистериозното убиство и ја надгледува куќата на д-р Калигари. Утредента, полицијата човек кој се обидува да убие една жена. Тој е осомничен и за другите убиства, но го признава само обидот за убиство, велејќи дека намерно сакал да ја префрли вината на таинствениот убиец. Идната ноќ Чезаре ја посетува девојката на Францис, Јане (Даговер), со намера да ја убие, но омекнат од нејзината убавина, тој ја грабнува и бега со неа.
Францис го обвинува докторот дека го злоупотребил Чезаре за да ги изврши убиствата и бркајќи го, стигнува во лудницата. Заедно со лекарите го пребаруваат кабинетот на директорот и таму наоѓаат книга во која се зборува за вистинскиот д-р Калигари и за месечарот Чезаре, а го пронаоѓаат и дневникот на директорот. Така, се чини дека мистеријата е разрешена. Меѓутоа, филмот завршува така што во лудницата на едно место се собрани Чезаре (сега, буден), Јане (која за себе мисли дека е кралица) и Францис (кој тврди дека директорот на лудницата е д-р Калигари)…
МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА
Игран филм, Македонија
1967, 102 мин., колор, 16 мм
Режија: Трајче Попов
Сценарио: Славко Јаневски (според драмата на Војдан Чернодрински)
Улоги: Драги Костовски, Драгомир Фелба, Јанез Врховец, Коле Ангеловски, Павле Вуисиќ, Петре Прличко, Ристо Шишков, Вера Чукиќ, Зафир Хаџиманов
Во втората половина на XIX-от век Македонија сè уште егзистира во рамките на Отоманската империја. Народот е изложен на самоволието на турските феудални замјопоседници. Во царството владее анархија, чиј резултат е теророт врз незаштитениот народ…
На имотот на еден од многубројните бегови во Македонија, работат „неговите“ селани. Време е за жетва. Бегот гони еден Турчин кој поради своите прогресивни идеи мора да биде казнет. Во бегството му помага овчарот Спасе. Трагата по избеганиот Турчин го доведува аскерот до жетварите. Меѓу нив е и селската девојка Цвета, чија убавина не може да остане незабележана. Бегот ја грабнува девојката и ја носи во својот сарај меѓу другите жени од харемот. Ветувањата за лесен живот како една од неговите жени не се доволни да ја убедат Цвета да ја промени верата и да се откаже од своите. Нејзините соселани предводени од попот и од овчарот Спасе (саканиот на Цвета), го бараат нејзиното ослободување. Во случајот се ангажираат и дипломатските претставници на големите сили со седиште во Битола и девојката е ослободена. Но, на денот на нејзината свадба доаѓа бегот со своите војници. Цвета гине, Спасе го убива бегот и заминува во комити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.