На 25 април, овој четврток, во 20 часот, Филхармонијата заедно со Хорот на Операта и врвните солисти – Весна Ѓиновска-Илкова (сопран), Елени Матос (мецосопран-САД), Дејвид Јунгхон Ким (тенор-Кореја) и Милан Силјанов (бас-баритон), под диригентство на маестро Емил Табаков (Бугарија), ќе го изведат едно од најмоќните дела во историјата на музиката – Реквием од Џузепе Верди!
Концертот „Вердиевиот реквием“ ќе донесе музичка возбуда, а ремек-делото на Верди на нашата сцена ќе биде изведено по подолга пауза.
„Реквием“ на италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди се смета за едно од најмоќните, најдраматичните дела во историјата на класичната музика. Оваа творба претставува прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици“ кои ја растеретуваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува. Делото е посветено на двајца славни италијански уметници – писателот Алесандро Манцони и композиторот Џоакино Росини.
„Само гениј би можел да напише вакво дело!“, изјавил композиторот Јоханес Брамс, а критиката ќе напише дека Реквиемот на Верди е дело со „најсконцентрирани“ емоции – сите човекови чувства ставени на толку малку страници. Музиката е директна и моќна, вознемирувачка, величествена…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.