На 11 Јули 2019 год. во изложбениот салон на ДСУЛУД “ Лазар Личеноски“-Скопје, во 20 часот ќе биде отворена изложбата РЕЛАЦИИ со дела од двајцата млади уметници-Игор Таневски и Александра Костадиновска. Во организација на Музеј на град Скопје, а финансиски подржано од Град Скопје во рамките на  CreArt (Network of Cities for Artistic Creation) /Европски ден на креативност,преку изложбениот концепт „Калеидоскоп“ 2019, Музеј  на град Скопје, продолжува да застапува еден од основните приоритети на  CreArt –презентација на локални креативни таленти и уметници, со нивните дела зад кои стојат различни културни багажи и гледишта.

„Релации е колаборативен проект на Игор Таневски и Александра Костадиновска , млади артисти од Скопје, кои низ окуларот на сопствените изразни медиуми- просторните инсталации и фотографијата, ја процесуираат својата уметничка естетика, сублимирајки ги одделните уметнички идеи во единствен креативен отпечаток, при тоа создавајќи уникатно уметничко доживување од Ботаничката градина во Скопје.  „Релации  е збир на миговни уметнички слики создадени во процесот на креирањето на  просторното уметничко дело интегрирано во природата како сликарска подлошка, врз која преку имагинарната игра на боите,материјалите и прекршувањето на светлоста  произлезе фото циклус како  nonsite, во кој двајцата автори вградуваат дел од сопствената визија  и креативна енергија.

Просторната инсталација на Таневски  го изразува резултатот од спроведениот сложен истражувачки процес на РЕЛАЦИИТЕ помеѓу артифициелното создавање и природното; контрастот помеѓу аморфните и слободни форми на природата и строгата геометрија и обоеност на употребените форматирани плексигласи. Формите со кои уметникот експериментира, супституираат модифицирани организми во природата, акцентираат, рефлектираат и симулираат неприродни феномени. РЕЛАЦИИТЕ помеѓу човекот како креатор на модифицирани и генетски кодирани организми и последиците од нарушениот природен баланс врз климатските процеси, беа инспирација за уметничкиот одговор кој Таневски се обидува да го артикулира во овој просторен експеримент.

Светлосниот зрак и неговите колоритни трансформации се стожерот на композицијата во визуелните креации на Костадиновска и една од магичните алатки која ја користат и двајцата уметници како вертикала околу која го градат сопствениот калеидоскопски светоглед. Креативната имагинација, која Костадиновска ја трансферира преку мајсторијата на замрзнување на  миговноста на светлосниот зрак- создавајки врз лотосовиот  лист нова слика од единствен микро свет ; отсликувајки го небото во капката вода, врз чија сфера одново се реинкарнира целиот универзум; препознавајки ги иљадниците „нијанси на зелено“ создадени зад сенките од бамбусовите стебла кои мигрираат со движењето на сонцето.Тоа се само дел од  светогледот и уметничките РЕЛАЦИИ на Костадиновска кога разговара на ТИ со природата.

Концептот  за создавање на градски јадра каде неформалната комуникација со луѓе кои како катадневна алатка го користат  јазикот на уметноста, го  изроди новосоздадениот простор- стаклениот арт павиљон, во Ботаничката градина во Скопје . Изграден од рециклирани градежни материјали-CreArt ПАВИЉОНОТ ја започнува својата мисија како место во кое ќе се реализираат мноштво идеи на млади уметници од Скопје.Ревитализацијата на заборавени градски простори и insitu интервенција е мисијата која младите архитекти и уметници од  ArchiFakt- Ф.Ивановски; Е.Намичева; И.Таневски- ја спроведуваат преку проектот ReBreathSk, со кој се обидуваат да укажат и влијаат врз намалувањето на консумеризмот и енормната продукција на отпад.

Ботаничката градина во која е поставен CreArt павиљонот, беше просторот  каде   Игор и Александра,  пронајдоа инспирација за реализација на своите идеи – градско ќоше во кое вградија заедно дел од своите  светови штедро споделувајки ги со сите вљубеници на природата и заштитата на чистата средина во овој град.

Можноста која Град Скопје, како ко-партнер во проектот  CreArt (Network of Cities for Artistic Creation) ко-финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија, ја создаде преку презентацијата  на делата на младите креативци од Македонија , уште еднаш со изложбата Релации/Калеидоскоп 2019, се докажа дека креативноста е став и вештина присутна кај луѓето, која може  и мора задолжително да биде постојано  стимулирана, збогатувана и надградувана .

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.