Оперските солисти реагираа на најавената нивелација на платите. На својот фејсбук профил, оперскиот солист Марјан Јованоски напиша:

Во името на

Македонски Оперски Солисти (МОС)
ПОВИК КОН РАЗУМОТ
Ние, оперските солисти вработени во едниствената оперска куќа во нашата земја, кои стоиме зад оваа иницијатива, се ставивме пред тешко искушеније одбирајќи го овој начин на комуникација. Навикнати сме да зборуваме за нашите достигнувања, планови и успеси. Затоа овие актуелни теми и начининот на кои истите се третираат, не се дел од нашите уметнички амбиции и ги сметаме за сериозен атак врз нашиот уметнички интегритет.
Имено, ова обраќање е со една цел која накратко би ја опишале како повик на разум. Пред вас почитувани стои елитата на оперската уметност во нашата земја и би било недостојно а да не се каже дека оваа иницијатива ја поддржуваат уметнички авторитети кои зад себе евидентираат сериозни уметнички дострели, вреднувани, признати и потврдени од највисоките меѓународни уметнички инстанци. Ако се стремиме да влеземе во западно-европското семејство, тогаш недостојно е да се занемарат сопствените потенцијали. Тоа сигурно не не прави поголеми, ами напротив, укажува на недостојноста да се биде во друштвото на достојните.
Деновиве интензивно во јавноста кружеа кулоарски информации за наводно нивелирање на платите во културата. За таа „операција“ до вчерашниот ден ниту еден од нашата фела не беше повикан како претставник или советодавец во насока на донесување на адекватно решение или правичен третман на уметниците, во дадениов случај носителите на дејноста во едниствената оперско-балетска институција кај нас. Во текот на вчерашниот ден, некаде околу 10:30 утрото, со СМС порака бевме известени дека во 16:00 ч., директорот на институцијата закажува состанок, за кој на самиот состанок, сфативме дека се работи за обид да ни се објасни ситуацијата на свршен чин, со кој треба да прифатиме дека оперските солисти не се опфатени со оваа операција, иако сите факти јасно укажуваат дека има и те како што да се нивелира во нашиот сектор. При сево ова никој не се удостои да прикаже било каков указ или документ кој налага ваквото дејствие, кое, исто така кулоарски, треба да биде извршено во понеделник на 20ти мај 2019 година. Дури и одредени документи кои беа покасно посочени, а кои укажуваат на низа неправилности, беа недостапни за нас, со образложение дека директорот треба тоа да го дозволи. Изненадени од ваквиот однос, одлучивме состанокот да го продолжиме во кругот на солистите, што продуцира уште неколку квази средби со раководителите од правната и финансовата служба, кои наместо да не убедат во исправноста на постапката за што и беа повикани, истакнувајќи одредени факти не убедија во спротивното. Затоа и се одлучивме да го замолиме директорот да организира средба со заменик-министерот за култура, како би ги истакнале нашите барања. По неколку часовно исчекување сфативме дека до таква средба нема да дојде. Секако дека набрзо ја добивме и информацијата за наводни средби на погоре спомнатите со одредени синдикални претставници од институцијата, не наведе да се упатиме кон министерството за култура, каде за жал средба не успеавме да оствариме. Изненадени од ваквиот однос, сепак се обидовме да стапиме во контакт со заменик-министерот во насока на организирање на средба во текот на денешниов ден, а до сега на тоа не добивме никаков одговор, решивме, како што и погоре спомнавме, вака јавно да укажеме на недостојниот однос кон овие врвни уметници.
Затоа и ги декларираме следните барања:

1. Итно и безусловно одложување на спорната нивелација на платите во кулутрата, со цел наш достоен третман во истата.
2. Организирање на средба помеѓу заменик-министерот за култура, групата на оперски солисти од институцијата, каде на достоинствен начин ќе ги деклариаме нашите ставови и барања.
3. Дефинитивна и обврзувачка декларација на министерството за култура, во насока на наше активно вклучување во процесите на дефинирање на колективниот договор.

Доколку администрацијата се оглуши и на овој повик, најавуваме радикализација на нашето делување.

P. S. Го избира овој начин се со цел да не наштети на централниот оперски настан во нашата држава МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.