Општина Велес во соработка со Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ го распиша традиционалниот конкурс за доделување Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“ со рок за пријавување до ноември.
Општина Велес соопшти дека предлози за кандидати може да поднесат физички и правни лица од областа на драмската уметност, како драмски уметници, национални и локални институции и здруженија на граѓани од областа на драмската уметност од земјава.
Кандидатите треба да се професионални драмски актери државјани на Република Македонија, а приоритет на конкурсот имаат драмските актери од средната генерација. Нема да се земаат предвид предлозите со кои кандидатите се предлагаат себеси.
На конкурсот се доделува една награда која се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен дел од 30 илјади денари. Добитникот ќе го избере стручна комисија од три члена. Комисијата ќе ги објави резултатите од конкурсот на прес-конференција во Општина Велес, најдоцна пет дена по истекот на рокот на конкурсот.
Наградата се доделува во рамките на програмата по повод Денот на Општината – 9 Ноември и свечено ќе биде врачена во Велешкиот театар. Во чест на добитникот актерите од театарот ќе настапат со претстава од својот репертоар.
Актерската наградата за животно дело „Петре Прличко“ во чест на бардот на македонското глумиште, велешанецот Петре Прличко, е востановена во 2006 година.
Прв добитник беше актерот Благоја Спирковски-Џумерко, а по него и Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов-Дац, Александар Ѓорѓиев, Милица Стојанова и Кирил Гравчев. Во 2017 година конкурсот не беше распишан и наградата не беше доделена. Во 2018 ја доби актерот Младен Крстевски, а во 2019 – Диме Илиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.