Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски” го распиша годинешниот конкурс за наградата „Роман на годината” кој ќе трае до 15 јануари. Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2021 година. Наградата „Роман на годината” се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета.
Од Фондацијата велат дека кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски” во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски” бр. 23/1-1) секој работен ден од 12 до 20 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу” 19/6-40, Скопје.
Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2022 година. Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: romannagodinata@gmail.com
Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2022 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција. Наградата „Роман на годината” која беше заштитен знак на згаснатиот „Утрински весник”, ќе биде доделена по 23-ти пат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.