Елизабета Баковска на својот фејсбук профил напиша дека сега открива дека нејзиниот расказ е поместен во дигиталниот учебник по македонски јазик за четврто одделение без нејзина дозвола.

Ете, денеска и јас дознав дека мојот расказ „Северниот ветер и вљубениот сонцобран“ се нашол во дигиталниот учебник по македонски јазик за четврто одделение. Расказот беше објавен во списанието „Другарче“ на почетокот на школската 2019/2020 година. Пишуван е за „Другарче“, врз основа на договор со Просветно дело. Не знам како се нашол во учебникот, зашто како автор никој ниту ме прашал ниту ме известил за ова.
Се разбира, на секој автор му годи кога негово дело станува дел од задолжителната литература за деца. Но, основна почит за авторски права мора да има. И не знам по кој пат ова го кажувам – не може некој само да си позајми нешто што го создал некој друг само затоа што ќе му се види убаво и да си го објави таму каде што ќе му се види соодветно. Не е етички и не е законски. Ако самата држава преку своите институции не ги почитува авторските права, како да очекуваме тоа да го прават приватни фирми или поединци?
Нашите книжевни, музички, ликовни, фотографски дела се резултат на нашиот интелектуален труд. Тие се наш производ и авторите само сакаат чесно да живеат од производите што се резултат на нивниот труд. Така е секаде во оние делови од светот каде што државниот апарат функционира. Како што не си земате што сакате без да прашате и без да платите кога влегувате во продавница, така не смеете ни ова да го земате без прашање и без плаќање, напиша Баковска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.