Ракописот „Цветко“ под шифра „Когито“ ја добива наградата за најдобра поема за 2021  „Григор Прличев“, која ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“. Жири комисијата за доделување на наградата во состав на проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ- претседател, проф. д-р Мишел Павловски – член, и д-р Славчо Ковилоски- член, едногласно ја донела одлуката, информираат од Центарот за култура.

Поемата „Цветко“ под шифра: Когито, пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања. Поемата има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја , обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко, образложуваат од НУЦК „Григор Прличев“.

Поемата ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себеси, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето под кое живееме, каде низ слободен стих се движи содржината на случувањата во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе.

Поемата комуницира и со културните симболи на времето, умешно вградувајќи ги во сопствената поетика. Авторот/авторката, амбиентот на случувањата на моменти сака да ни го долови низ мелодијата, аромата и здивот на песните на Бери Вајт, иконата на фанкот и соулот, низ музиката на Тајм, Стонси, Квин и Стинг, и на тој начин да нѐ пренесе во некои животни модалитети на 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20. век, но и деконструирајќи ги и прилагодувајќи ги во сопствената естетика,  се додава во соопштението од НУЦК „Григор Прличев“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.