Во вторник, (26 март) со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведено балетското ремек дело „Рајмонда“ од Александар Глазунов.
„Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.
„Рајмонда“ е во кореографија на гостинот од Украина, Виктор Јаременко, додека во главните улоги ќе настапат првенците: Марија Кичевска Шокаровска и Васил Чичијашвили (Грузија). Во улогата на Абдурахман, ќе настапи гостинот од Италија, Давиде Буфоне. Улогата, Бела Дама ќе ја толкува Наташа Јосифовска. Настапуваат истакнати солисти, солисти, целиот балетски ансамбл и оркестарот на МОБ.
Диригент е гостинот од Русија: Едуард Амбарцумјан.
„Рајмонда“ е претстава со прекрасни костими и спектакуларна сценографија, што ги изработи нашето атеље, под менторство на гостите од Украина: Гана Ипатиева и Андреј Злобин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.