Во Детскиот театарски центар во скопската чаршија од денеска до 17 ноември ќе се одржува 16. Ромски театарски фестивал „Garavde Muja – Скриени лица“, на кој специјален гостин ќе биде режисерот Рахим Бурхан – основач на Театарот на Ромите „Пралипе“ во Скопје во 1971 година.
Тој ќе присуствува на свеченото отворање на фестивалот на кој ќе учествуваат театарски ансамбли од земјава, Хрватска, Србија и од Косово. Првата претстава на Ромскиот театарски фестивал ќе биде изведена вечер од 18.30 часот – „Прво јаболка, а сега ружи“ по сценарио и режија на Даниел Петровски.
Како што соопшти Здружението на љубители на ромската фолклорна уметност-Скопје, в недела (17 ноември) од 11 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи и панел-дискусија „Развојот на ромската култура, проблеми и предизвици“.
На панелот ќе учествуваат проф. Марсел Куртијаде од Франција, Осман Балиќ од Србија, Рахим Бурхан од Германија и Севдија Абдулова од Македонија.
Рахим Бурхан живее во Нојс, Германија. Роден е во Скопје во 1949 година. Во 1971 година во Скопје го основал и раководел Театарот на Ромите „Пралипе“ (на македонски „Братство“) и режирал голем број претстави. Од 1991 година „Пралипе“ соработува со театарот „Андер Рур“ во Милхајм, Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.