Професор доктор Виктор Фридман од Чикаго, САД и неговиот колега Јоуко Сакари Линдсет од Хелсинки, Финска се добитници на годинашното почесно Рациново признание.
Организацискиот одбор на Рациновите средби одлучи Виктор Фридман, светски познат лингвист, македонист и славист, редовен професор по славистика и македонистика на Универзитетот во Чикаго, да го добие ова признание, за неговите заслуги за македонскиот јазик, македонската лингивистика и македонистика во САД и светот, информира градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на денешната прес-конференција.
Професор Јоуко Сакари Линдсет, професор по филологија на Универзитетот во Хелсинки од 1986 година, е учесник во проектот „Денешната лингвистичка мапа на западниот дел од регионот Виа Игнација”, раководител и главен истражувач на значајниот проект „Кониковско евангелие” и на многу други проекти. Тој е врвен светски славист, македонист и балканист, а како што појасни Коцевски, признанието го добива во знак на благодарност за афирмација на македонскиот јазик, македонската лингвистика во Финска и во многу други европски и светски земји.
Сигурен сум дека токму сега кога некој го оспорува македонскиот јазик, двајцата великани кои искрено се посветени на афирмација за македонскиот јазик, литература и култура, во јавноста силно ќе одекне веста за меѓународната поддршка на македонскиот јазик и на македонската култура. Научните истражувања на двајцата покажуваат дека македонскиот јазик и неговите дијалекти се афирмираат во светските научни центри со што македонскиот јазик се афирмира како посебен јазик и претставува предмет на исклучително научно интересирање поради својата поврзаност со балканските јужнословенски и нејужнословенски јазици, потенцира Коцевски.
Организацискиот одбор одлучил „Рациновите средби“, и покрај состојбата со ковид-19, сепак да се одржат, но не како што првично се размислуваше во ноември, декември, туку од крајот на септември до крајот на октомври, а ќе имаат и поинаква организација што ќе значи и нивно осовремување и модернизирање, појасни Коцевски.
Дел од содржините се планира да се одржат во живо доколку тоа го дозволат здравствените власти, се разбира, со почитување на здравствените мерки.
Со тоа ќе се продолжи времетраењето на „Рациновите средби“ и тие подолго време би биле присутни во јавноста, рече Коцевски.
Тоа би било преку електронски пат со што би се овозможило учество на „Рациновите средби“ на поголем број на писатели од светот. Во план се и преноси во живо преку Јутјуб каналот и на некои од телевизиите, а на повеќе локации во Велес ќе бидат поставени видео-бимови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.