Интересот за македонистиката на Универзитетот во Риека е вонсериски. Од 2008. до почетокот на оваа академска година, низ Лекторатот по македонски јазик минаа околу 2.000 студенти. Но, досегашните постигнувања обврзуваат да се преземат конкретни активности за натамошно продлабочување на перспективите за македонистиката во Хрватска и поддршка на работата на овој, најнов, но во моментов најброен лекторат по македонски јазик. Токму тие активности беа во фокусот на состаноците коишто директорката на Меѓународниот семинар по македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ги оствари во Риека, во рамките на нејзината неколкудневна работна посета на Хрватска.
На состанокот со деканот на Филозофскиот факултет при којшто функционира Лекторатот по македонски јазик – проф. д-р Александар Мијатовиќ, на којшто учествуваа и амбасадорот, Н.Е. Милаим Фетаи, директорката на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска, академик Горан Калоѓера, раководителот на Отсекот за кроатистика, проф. д-р Дејан Дуриќ и лекторката по македонски јазик на Факултетот, м-р Биљана Стојановска, се разговараше за предлози за конкретни активности коишто би се оствариле во следните две години. И тоа активности коишто не само што ќе бидат во функција на новите перспективи за македонистиката во Хрватска, туку ќе бидат и влог во развивањето на македонско-хрватските културни и научни врски.
Конкретно, меѓу другото веќе се разговараше и за активности за одбележување на јубилејот – 15 години од формирањето на Лекторатот, во 2023 година, вклучително и објавување монографија, бидејќи како што објавија хрватските медиуми, „Филозофскиот факултет во Риека, полека постанува втора татковина на Македонците“, водејќи се од мислата на Блаже Конески дека јазикот е татковина. Особено радува што на состанокот се иницираше да се организира и научен симпозиум за македонско-хрватските јазични, книжевни и културни врски.
Цврстата определба за спроведување на низата активности се потврди и на состанок со професори од Отсекот за кроатистика, предводен од проф. д-р Дејан Дуриќ. На средбата учествуваа дел од најистакнатите кроатисти – активни учесници во хрватскиот научен живот, коишто уште еднаш потврдија подготвеност за дополнителен, исклучително важен придонес за промоцијата на македонскиот јазик, книжевност и култура во Хрватска, но и за натамошно развивање на врските меѓу македонската и хрватската наука и култура. Во тој контекст, одделно се говореше за сето она што се планира во пресрет на јубилејот од формирањето на Лекторатот, а коешто ќе отвори и нови перспективи за македонистиката во Хрватска.
На состаноците, целосна поддршка за сите активности дадоа и амбасадорот, Фетаи и директорката на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, Поповска, што е исклучително важно за целосно спроведување на зацртаното во соработка со МСМЈЛК при УКИМ. Впрочем, и работната посета на Мојсова-Чепишевска на Хрватска е на покана на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, со поддршка од Амбасадата на РСМ и Министерството за култура.
„Лекторатот по македонски јазик е втемелен благодарение на активностите на проф. емеритус Горан Калоѓера, којшто тогаш беше проректор на Универзитетот, па така, за кратко време, Лекторатот се разви, достигнувајќи најголема бројност на студенти во споредба со другите лекторати по македонски јазик во светот. Според проценките, од основањето на Лекторатот до оваа академска година низ него минаа околу 2.000 студенти, што е доказ за големиот интерес. Досега се развиени три дејности на Лекторатот – наставна, научна и издавачка“ – истакна деканот Мијатовиќ, по одржаните состаноци.
Директорката на МСМЈЛК при УКИМ искажа подготвеност да се оствари сето она коешто во содејство со хрватските колеги може да отвори нови перспективи за македонистиката.
Инаку, Лекторатот по македонски јазик во Риека има започнато со интензивна работа уште од неговото формирање, со голем број студенти кај првиот лектор, д-р Васил Тоциновски. По него, лектор во Риека беше м-р Ана Азеска, а во моментов е м-р Биљана Стојановска. Но, значајно е што на Универзитетот во Риека, предмети од областа на македонската книжевност и култура имало уште во 80-тите години на минатиот век.
Во рамките на работната посета, Мојсова-Чепишевска, заедно со амбасадорот и директорката на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, остварија средби и со претставници на членството на македонските друштва „Илинден“ во Риека и „Св. Кирил и Методиј“ во Пула, имајќи го предвид големиот интерес на македонските иселеници да придонесат за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура. Интересот за македонскиот јазик, кај нив е дотолку голем, што лекторката Стојановска, настапа по македонски јазик изведува и во основното училиште во Риека.
Претходно, Мојсова-Чепишевска беше во Загреб, каде што одржа и предавање за творештвото на Блаже Конески, на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Работната посета на Мојсова-Чепишевска завршува со многу договорени активности коишто реално ќе донесат нови перспективи за македонистиката во Хрватска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.