Со средства од Министерството за образование и наука ќе биде поддржана реализацијата на „Македонска книжевна енциклопедија (автори и дела)“ на Институтот за македонска литература. Ова е еден од седумте истражувачки проекти научните установи кои ќе бидат финансирани од МОН.

Другите проекти кои ги поддржа МОН се „Еколошката состојба на рибната популација во Белчишко Блато“ на Хидробиолошкиот завод-Охрид; „Лексиката во македонската народна песна“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“; „Културно-историските случувања кај Албанците во Македонија во текот на XIX – XX век“ на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците; „Историјата и историографијата во јавните политики и во политиките на сеќавање“ на Институтот за национална историја; „Меморија и екокосмос“ на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и „Средновековни населби во Пелагонија, Мариово и Порече“ – научно-истражувачки проект на Институтот за старословенска култура-Прилеп.

За Институтот за македонска литература е круцијално важно да биде поддржан со национален проект затоа што тоа ни овозможува да креираме автономно една културна стратегија која е одговор на конкретен општествен или културен наговор во дадениот миг, смета в.д. директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска.

После десетгодишно отсуство од финансирање на проекти каде што моравме да се позиционираме во туѓите проекти и во туѓите културни стратегии, ние имаме можност да работиме на електорнско издание на македонска книжевна енциклопедија која ќе го вклучува периодот на 12 вековен развој, од деветти до 21 век со што сметаме дека ќе надополниме едно отсуство, бидејќи немаме никаква македонска книжвена енциклопедија, рече денеска проф. д-р Аврамовска на доделувањето на договорите за финансирање научно-истражувачки проекти за 2021 година кои беа позитивно оценети на конкурсот на Министерството за образование и наука.

Проф. д-р Аврамовска смета дека со електоронско издание на македонската книжевна енциклопедија ќе станеме видливи на мрежата што ќе рече присутни на глобалната сцена на размена на информации, а со тоа препознатливи и заемно преводливи.

Во овој миг сметаме дека стратешки, тоа е најважното нешто што треба нашиот институтски тим на научно-истажувачи во областа на книжевноста треба да го направи со што навистина се препознаваме во нашата мисија, рече проф. д-р Аврамовска, в.д. директорка на  Институтот за македонска литература. 

На директорите на научните установи договорите за финансирање на проектите им ги врачи министерката за образование и наука Мила Царовска, која истакна дека резултатите од овие проекти ќе бидат база за натамошен развој на институтите и на општеството воопшто.

Затоа што овие институти имаат стратешко значење, тие се и во законот насловени како национални институти коишто имаат стратешка положба во општеството и кои треба да создаваат научна дејност за доброто на општеството, рече Царовска.

Од пред десет години до денеска процентот за наука од БДП е речиси двојно зголемен, што укажува на тенденција на постојано вложување, зашто Владата и МОН се свесни дека без наука и без истражувања мала е можноста за понатамошен развој на државата, додаде министерката за образование и наука.

Иницијативата на МОН ја поздравија директорите на институтите што ги потпишаа договорите, нагласувајќи дека по повеќе од десет години добиваат можност да бидат финансирани од МОН за своите истражувања. Според нив, со ова МОН и Владата имаат разбирање и слух за потребата за развој на научната мисла во нашата држава и дека ќе им овозможи теренски проучувања и обука на млади истражувачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.