Oд 1 до 3 септември во Скопје ќе се одржи првото издание на Скопскиот поетски фестивал (СПФ) во Младинскиот културен центар.

Скопски поетски фестивал/Skopje Poetry Festival е интернационален фестивал што преку поезијата ќе ги поврзе поетите, музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, филмаџиите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците, издавачите итн.

СПФ ќе биде настан ‒ синергија на уметностите, поврзани на иновативен и, пред сѐ, на забавен начин, за поезијата, музиката и визуелното не само да се инспирираат меѓу себе, туку и директно да се поврзат на самата сцена, да образуваат нов флуид во градот, поттикнувајќи ги и поддржувајќи ги креативците, велат организаторите.

Првото издание на фестивалот ќе трае три дена и ќе се одржи од 1 до 3 септември во Младинскиот културен центар – Скопје.

Целите на СПФ се со текот на времето да прерасне во значаен поетски фестивал во регионот и пошироко. Со внимателен избор учесници и квалитетни содржини очекуваме дека фестивалот ќе придонесе за богата културна размена и развој на домашната книжевна сцена, покренувајќи дебати во културните кругови и мотивирајќи ги младите да се занимаваат со уметност. Очекуваме голем одзив на публика од сите возрасти што има афинитети кон културата: литература, музика, филм, ликовна уметност и сл.

Фестивалот го организира група ентузијасти, веќе потврдени поетски имиња во земјава и во странство, а дел од нив и со големо искуство во организирање културни настани во Скопје и во внатрешноста. Во тимот се: Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Јованчо Димоски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска и Снежана Стојчевска.

Поддржан е од Младинскиот културен центар ‒ Скопје и доби симболична финансиска поддршка од Град Скопје, но за жал остана непрепознаен од Министерството за култура, и тоа во два наврата.

По одржувањето на првото издание, благодарение на помошта од пријателите, се надеваме дека фестивалот во иднина ќе ја добива потребната поддршка и до Министерството за култура, за да може во целост да ја реализира планираната програма што несомнено е осмислена на начин што е од национален интерес и ќе може да ја гради својата традиција, велат оттаму.

ПРОГРАМА

I вечер (1 септември, МКЦ)

Отворање на фестивалот:

  • ПРВ ПОЕТСКИ САЕМ НА КНИГАТА (на кој ќе можат да учествуваат сите издавачи од земјата со своите поетски изданија)
  • Отворање изложба (десетина уметници/графички дизајнери ќе создадат дело по песна од секој поет учесник на фестивало)
  • СТИХОФРЕНИЈА (Тематско поетско читање на своја поезија и народна поезија на кое ќе настапат 16 поети од Македонија и од странство во музичка придружба на ВИС „Тркалезна маса“)

 

II вечер (2 септември, МКЦ)

  • МАСТЕРКЛАС (Работилница по креативно пишување поезија одржана од Ким Симонсен, поет и редовен професор на Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на Станфорд, на Оксфорд, и на други познати универзитети, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ― Скопје и Институтот за македонска литература.
  • ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ПОЕТСКА ВЕЧЕР (Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарски Острови, Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција и Лидија Димковска од Македонија/Словенија)
  • ПОЕТСКИ ФИЛМОВИ ‒ Филмски проекции на поетски филмови во соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија (6 филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и Канада) и проекција на 6 наменски поетски филмови за претставување на поетите, изработени од Валентина Бактијаревиќ од Србија

 

III вечер (3 септември, МКЦ)

  • КНИЖЕВНИ ПРОМОЦИИ
  • Промоција на стихозбирката „Шумата почнува тука“ од Сергеј Тимофеев (Латвија)
  • Промоција на стихозбирката „Каква полза има човек од тоа едно утро да се разбуди на оваа страна од новиот милениум од Ким Симонсен (Фарски Острови)
  • КНИЖЕВНА СОРАБОТКА: Средба на Соња Стојменска-Елзесер, претседател на Друштвото на писателите на Македонија со Вонбјорт Ванг, претседател на Друштвото на писателите на Фарските Острови
  • ДИСКО ПОЕЗИЈА (пиџеј сет подготвен од Сергеј Тимофеев од Латвија со комбинирање читање поезија со ритам и музика, за крај на официјалната програма на фестивалот.)


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.