Првиот долгометражен филм на македонската режисерка Марија Џиџева „Втора шанса“ в среда (17 април) во кино „Милениум“ го отворра 22. Скопски филмски фестивал. Филмот е македонско-српска копродукција (Small Moves Films и Biberche Production) по сценарио на Огнен Георгиевски. Во една од главните женски улоги ќе ја видиме познатата српска актерка Мирјана Карановиќ, заедно со Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева.

Режисерката Џиџева, која досега има голем број и честопати наградувани документарни и кратки филмови, во интервју за МИА зборува за новото искуство од снимањето игран филм, кој е раскажан преку женски карактери и е приказна за затвореноста во сопствените лавиринти и постојаната лична борба да се најде излезот.

„Втора шанса“ е филм за три жени – Сандра, Елеонора и Ангелина, чии животни приказни се испреплетувааат, калеидоскопски доловувајќи различни перспективи на жени и мајки, но и за себесоочувања со најинтимните моменти на одлуки за себедавање, за себежртвувања во име на борбата за создавање и за сочувување на сопствените семејства. Филмската приказна е сместена во 2001 година кога во Македонија натежнува едно бреме на една мачна психоза што продира во сите пори од животот на обичните луѓе. Навлегувајќи во животите на овие три жени, како и на мажите кои ги опкружуваат, филмските приказни продираат во психологијата и патологијата на општествениот систем, кој живее во агонијата на бескрајниот период на транзиција. Секоја од овие жени на свој начин се бори со сопствените внатрешни демони, обидувајќи се да не ја изгуби својата хуманост, и на крај да не се изгуби самата себеси. Тие се на различни возрасти, 30, 40 и 50 години, но на крајот може да се добие впечаток дека тоа е една иста жена во различни периоди од животот. Тие живеат во иста зграда, во станови еден над друг, но речиси и да не комуницираат меѓусебно. Остануваат затворени во сопствените лавиринти, во постојана лична борба да го најдат излезот, вели Џиџева во интервју за МИА.

Таа објаснува како се случила соработка со српската актерка Карановиќ, ѕвезда на југословенскиот филм.

Кога беше дефинирано сценариото, многу беше јасно дека Мирјана е совршена актерка за еден од главните женски ликови. Моја желба беше да работам со неа. Многу ми беше драго што веднаш се согласи да соработуваме и што несебично се вложи во целата приказна, даде сѐ од себе и со нејзиното знаење и искуство многу искрено ни помагаше во работата на филмот. Сакам да додадам дека исто одлично соработував и со другите главни актерки во филмот – Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева, кои силно рамноправно ги градеа своите улоги со Мирјана Карановиќ, креирајќи моќни женски карактери. И секако, исто така, и одличната соработка со актерите Данчо Чевревски, Златко Митрески, Димитар Ѓоргиевски и Денис Абдула кои се вложија себеси во создавањето на машките ликови, без кои не би можеле да се изградат женските интимни светови во филмот, вели режисерката.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.