„Првиот грев – првата доблест (Original sin – original virtue)“ е темата на 18. Зимски салон – престижната биенална изложба што ја организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Куратор на изложбата и селектор кој ќе одлучи за Гран-при од делата што ќе пристигнат на годинашниот конкурс ќе биде уметникот и универзитетски професор Кирил Пенушлиски.

Рокот до кога членовите на ДЛУМ ќе може да ги праќаат своите дела е до крајот на декември, а изложбата ќе биде отворена на 3 февруари 2020 во галеријата Чифте амам. На отворањето ќе биде соопштена и единствената награда – Гран-при, која се состои од двомесечен престој на уметникот победник во ателје во Париз.

Кураторот и селектор Пенушлиски ќе ја образложи идејата на зададената тема пред заинтересираните уметници в сабота во Галерија 8 – Безистен, каде што денеска на прес-конференција соопшти кој бил мотивот за провокативната тема и на кои дела ќе им даде предност при изборот.

Првиот грев е основниот на Адам и Ева, кои ја прекршуваат заповедта да не земаат од плодовите од дрвото на знаење. Тој е наследен грев и сите луѓе се раѓаат во тој грев и поради него влегува и смртта на Земјата. Меѓутоа, гревот на непослушноста е, всушност, и доблест зашто со непостоење на непослушноста ќе нема ниту општествен, ни социјален, па дури ниту културен напредок, рече проф. д-р Кирил Пенушлиски, додавајќи дека уметниците во нивните дела ќе може да истражуваат различни аспекти на темата, како библиската конотација на првиот грев, гревот на модерното општество итн.

Соопшти и три препораки што ќе бидат предност при селекцијата на делата – автори што ќе понудат повеќе од едно дело, а најмногу четири, во кои ќе го прикажат истражувачкиот процес – еден мотив во серија или начинот како стигнале до конечното дело/композиција. Ќе ги цени и делата што се соработка на двајца или повеќе автори, а третата работа што ќе ја бара, рече, ќе биде краток опис од околу сто збора што ќе го објасни нивниот процес на креација. Новина ќе биде тоа што ќе има уметник гостин со негова миниизложба пред отворањето на Зимскиот салон.

Автор на дизајнот на, исто така, провокативниот постер и корицата на каталогот за 18. Зимски салон, е Христијан Санев.

Претседателот на ДЛУМ Филип Фидановски истакна дека 18-тото издание на оваа биенална ликовна манифестација ќе биде и симболика на нејзината полнолетност.

Осумнаесет треба да покаже дека сме созреани и пораснати и стануваме полнолетни и тенденцијата оваа година беше да е македонско, да е наше, па затоа и кураторот е Македонец, рече Фидановски.

Наградата Гран-при ја овозможува Министерството за култура, кое го обезбедува престојот во ателјето Citѐ des Arts во Париз. На прес-конференцијата денеска присуствуваше и победничката на 17. Зимски салон – уметницата Шќипе Мехмети. Таа веќе го реализирала престојот во француската престолнина, иако поради административни пропусти тој не беше внесен во Годишната програма на Министерството за култура за 2019-та.

За да може наградениот уметник од 18. Зимски салон да го посети Париз во истата (2020) година, а не да ја чека наредната, ДЛУМ ќе го пријави учесникот со бланко-апликација на Конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес за наредната година, а во февруари, кога тој ќе биде познат, ќе го пријави и неговото име.

Во меѓувреме, Друштвото на ликовните уметници на Македонија се подготвува и за својата Годишна изложба, која ќе биде отворена на 24 декември 2019 во Мала станица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.