Учениците кои наставата од прво одделение ја следат на српски наставен јазик, од новата учебна година ќе добијат материјали за учење на својот мајчин јазик со што ќе биде исполнета една огромна празнина која се чувствуваше со години наназад во образовниот процес, велат авторките на учебникот по српски јазик, Билјана Спасовска, Дарија Ковачевиќ-Божиновска и Милица Маринковиќ.

Сите знаеме дека моментите на поаѓање во училиште и држење на првиот буквар се памети целиот живот, а учениците беа ускратени за тоа непроценливо искуство. Затоа со задоволство се јавив на конкурсот за изработка на наставните програми, а посебно на учебниците по српски јазик за 1. одделение. Со пишувањето на овој материјал првачињата новата учебна година ќе ја започнат со еден содржински богат и колоритен учебник кој ќе им биде основа на описменувањето и негувањето на својот мајчин, српски јазик, вели Спасовска.

Нејзината колешка Ковачевиќ-Божиновска потенцира дека наставниот материјал во прво одделение по новата концепција ќе биде реализиран преку неколку подрачја како што се слушање и говорење, почетно читање и пишување, литературно изразување, творење и медиумска култура.

Најголемата новина е таа што во прво одделение започнува описменувањето и се надевам дека првачињата со леснотија ќе го совладаат тој предизвик, преку игра, забавни активности во согласност со возраста на децата. На сите ученици, а особено на првачињата им посакувам среќен и успешен почеток на новата учебна година, кој се надевам ќе вроди со плод преку новиот начин на учењето, вели Ковачевиќ-Божиновска.

Од први септември наставата во прво и четврто одделение ќе започне според новата Концепција, по нови наставни програми и со нови материјали за учење. Целта на Концепцијата е да го поттикне кај учениците критичкото размислување и носењето заклучоци врз основа на анализа, при што знаењата ќе се стекнуваат преку учење со разбирање, без досегашното фактографско меморирање. Истовремено, со Концепцијата е предвидено и учење и стекнување на основни граѓански вредности, како што се заштита на животната средина, медиумска писменост, недискриминација и заштита од корупција.

Планот е реформата во деветолетката да се спроведува етапно и целосно да се имплементира во следните 5-6 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.