Првата изложба за оваа сезона во галеријата „Акантус“ е насловен „На работ“. Оваа групна изложба спојува ракописи на четворица млади современи уметници Ана Трајковска, Илија Прокопиев, Доротеј Нешкоски и Ива Станковска. Изложбата се отвора утре, (14 февруари 2020) година од 20 до 22 часот.
Во светот на уметноста потребни се нови интриги и нови прашања. Тие можат да го појаснат ставот на уметникот, a и да допринесат за разбирање на ракописот на уметноста. Ако интелектуалниот пристап на гледање и поимање, носи страв и непознаници притоа барајќи едукативна подготвеност, така емотивниот контакт и чувствата со уметничкото дело уште повеќе изискуваат енергија.
Уметноста како визуелен медиум ве вовлекува во процесот на создавање низ рацете на уметниците. Чинот на создавање на материјалната слика, „реалноста на насликаното” (Хегел), создадена од човечката рака е израз на уметничката слобода, сето тоа на работ од реалноста и духовната “конструкција”, на работ на опсесијата, на работ на страста, на работ на бунтот за опстанокот на уметноста, …за опстанокот. Доротеј Нешовски, низ “Илузиите на уметноста”, гради објекти со ready-made елементи, каде во зависност од промената на светлината се менува комплетната линеарна слика. Со неговиот специфичен ракопис од (се чини) детското моќно емоционално паметење, оформува фрагилни цртежи со отпадоци од процесот на создавање кои внимателно ги селектира и чува. Дигиталните принтови и објектот „light box” во „fuzzy” – композиција произлегуваат од играта со неговиот медиум – дрвените боички, кои понатаму би рекла ги отсликуваат видливите и невидливите густи линии на градот (чувство на авторот на текстот). Густината на линиите, преку обединувачки структури формираат модул кој може да се обраби но поверојатно е дека сака да излезе надвор од работ, до бесконечноста. Илија Прокопиев спонтано бележи цртежи во големи формати кои аналитично нафрлаат забелешки од градот, од облиците на неговите перцепции. Масниот пастел дава можност за колористичка игра, композициски авторот ја дополнува со правоаголни сегменти-цртежи, дополнително компонирани белешки и фотографии, кои притоа на работ на таа отворена празнина го испишуваат неговиот препознатлив ракопис. Отворениот концепт на цртеж, на слика, на колаж, на асамблаж, или пак инсталација, ви остава простор да се втурнете во емоционалното прифаќање на сугерираните форми и сами да влезете во чинот на гледање. Асоцијацијата и комбинаториката на веројатности која авторот ви ја нуди е голема, а сами учествувате во сликата од виртуелниот простор до слика во вистинскиот простор.
Кај Ива Станковска низ чуден сплет на линии и монохроматски решени површини се препознава потребата да се забележи, да се наслика, и преку уметност да се испишат чувствата. Процесот и начинот на создавање за авторката е суштествен, како нејзин начин на чистење на духот. Употребува разредени акрилни бои, смрзнати бои, индиректно остава траги, Полоковски ги истура боите врз платното. Таа ги гмечи, ги гужва, ги пребојува, ги брише, ги мачи сопствените слики. Таа ги влечка и фрла како со нив да го води дијалогот кој оди до работ и назад од почеток. Енергијата на уживање и гнев рефлектираат во енормно големите димензии кои се промислени како платна кои системски ќе пораснат во објекти, во “меки” скулптури, во сликарска инсталација. Решенијата на авторката се site specific, така целата изложбена соба, во соработка со Ана Трајковска е преполнета, сè со намера да ве вовлечат во трета димензија а потоа да ви ја покажат моќта на формата. Вие сте внатре, во формата, на работ на формата.
Ана Трајковска во експериментирањето со графичките техники се приближува до работ на обеспредметување на формата. Таа излегува од границите на објективното и предметното стигнувајќи до метафизиката, чистата бесконечност ни ја сугерира со сината боја и небесното синило. Во нејзината потребата да се отпечати трага, со испреплетени асоцијативни гранки, или пак крвоток кој живот значи, на меки подлоги, на платно, и на атипичен начин на создавање, таа го испишува својот ракопис со излегување од нормите на класичниот графички пристап. Заедно со Ива Станковска го балансираат простор, се дополнуваат, се разбираат, ја толерираат својата сличност и различност, создавајќи “соба-мека скулптура”.
Доротеј Нешовски, Илија Прокопиев, Ива Станковска и Ана Трајковска, блиски по третманот на слободата на изразот, секој на свој начин во традиционална техника, цртеж, сликарство, графички отпечаток, фотографија, објект-скулптура, нетипични во решенијата излегуваат од рамката на ограничувањата. Нивното искрено задоволство ќе се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, возбудата од “лутањето” (истражувањето) низ сопствениот јазик. Низ отворени структури и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, односот на човек-град, човек-природа, човек-човек го оставаат отворен и целиот простор на работ на отворен запис кој може да се дополнува, се вели во кураторскиот текст за изложбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.