Издавачката куќа „Прозарт Медиа“ деновиве објави два романи од двајца познати српски автори на македонски јазик. Станува збор за „Упокојувањето на просекторот Маерхофер“ од Александар Шурбатовиќ, роман со необично долги и извонредно стилизирани реченици и „Екатерини“ од Марија Кнежевиќ, приказна за модерна Пенелопа, која мора да патува и да страда во потрага по својата татковина.
За романот „Упокојувањето на просекторот Маерхофер“ авторот вели дека барал инспирација во поетската филозофија и јазикот на германскиот поет Фридрих Хелдерлин, „карактеризацијата“ на ликовите од австрискиот писател Роберт Музил, атмосферата од романите на Томас Ман и Франц Кафка, стилизацијата на Хенри Џејмс и поетскиот јазол што постои во прозата на Данило Киш. Романот го следи сосема краткиот период, неколкуте последни моменти од животот на Кристијан Маерхофер Помладиот, просектор во локалната болница во Хајделберг, во Германија. Тој, во последен момент трага по сеќавањата и по чувствата, а таа потрага се претвора во метафизички трилер или постмодерен пикарски роман. На тоа патување, тој ќе го открие своето вистинско лице и потекло, и во таа вистина нема да има ништо утешно, освен вистината сама по себе.
Кнежевиќ, пак, во својата луцидна и полна со хумор лирска проза книга „ Екатерини“, пренесена преку женски наратив, дејството го сместува во дваесеттиот век на Балканот. Приказната за „обичниот“ живот на жени кои живеат низ турбулентните историски настани нѐ носи во Грција на почетокот на дваесеттиот век, па во Белград, потоа низ Втората светска војна, соочувањето со Сталинизмот и социјализмот, па се до бомбардирањето на Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.