Книгата „Љубовни аматери (Двонасочни новели)” од Александар Прокопиев излезе од печат во издание на издавачката куќа „Прозарт медиа“.
За книгата Наташа Аврамовска ќе каже:
Оваа проза ја испишува историјата на запоседнувањето на сопствениот (љубовен) идентитет оттаму исповедниот тон на јас-раскажувањето кое како и секоја историја, допишува, домислува, станува мит: интертекстуално и автореференцијално мултиплициран, разигран и расплисиран во жонглирањето со фрагментите на семиотничкиот ред и на нивото на нарацијата и секако на рамништето на нејзината рецепција.
Иван Џепароски, пак, за делото пишува:
… Но ако авторот (наратор) добива главоболка пишувајќи го романот, ние, како читатели, сме радосни, среќни и со бистра глава, така што не можеме да го испуштиме романот од рацете од првата до последната страница, го читаме во еден здив, како што во еден здив се играат и најубавите игри. На крајот, иако среќни, но и малку зазбифтани, сфаќаме дека токму затоа играта во ова дело на Александар Прокопиев, како и секоја потрага по слободата, има рамномерно-зазбифтано дишење, но едновремено, има и еден слатко-горчлив вкус што се јавува при нејзиното консумирање.
Аленсандар Прокопиев е прозаист и есеист. Работел во Институтот за македонска литература како редовен професор на пост-дипломските студии по културологија. Објавил дваесетина книги. За збирката раскази “Човечулец“ ја доби наградата „Балканика“ во 2012 година. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, хрватски, словенечки, бугарски и други јазици. Самиот Прокопиев активно преведува од неколку балкански јазици. Член е на македонскиот ПЕН и на Независните писатели на Македонија. Прокопиев е уметнички директор на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан.
„Љубовни аматери (Двонасочни новели)” е објавена со помош на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.