Книгите за правоговор „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ и „За секоја буква приказна“, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, беа промовирани вчеравечер, онлајн, преку платформата „Зум“ (Zoom).
Станува збор за реиздание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски, кое 25 години по првата објава, деновиве излезе од печат во ново, освежено издание. Исто така на промоцијата беше претставена и новата книга на Димовски, „За секоја буква приказна“, која може да се користи како дополнување (еден вид вежбанка) на прирачникот за изградување на изговорот, говорот и јазикот, но и независно во фазата на описменување на децата.
Првото издание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, на кое Димовски е ко-автор со сега починатиот Јордан Јорданоски, е објавено во 1995 година. Книгата и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика. По цели 25 години прирачникот излегува повторно од печат, преуреден и осовременет со нови илустрации, што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од разработените фонеми. По повод објавувањето на новото издание на овој прирачник, Владо Димовски истакна:
Книгата е наменета за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. Јас би рекол за сите деца, но специјално за оние кои имаат тешкотии со изговорот на некои гласови. Вежбите во книгата почнуваат со слоговни вежби, а завршуваат со приказна. Доколку сте упорни, и истрајни и доколку навистина сакате да решите некој проблем, тогаш книгата во вашите раце има смисла… Инаку, новото, освежено издание на „Арс Ламина“ е многу поразлично од првото. Содржински ништо не менувавме, но илустрациите, насловната страница, квалитетната хартија, верувам, ќе израдува многумина, најмногу децата. Еве, изразувам голема благодарност до тимот на „Арс Ламина“, кој се потруди оваа книга да изгледа прекрасно – рече тој.
„Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ е практичен прирачник наменет за стручните работници во институциите што се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, за дефектолошките и филолошките образовни институции, за родителите чии деца имаат артикулативно-говорни тешкотии, за стручните работници од предучилишните воспитно-образовни установи, за работници што настапуваат професионално преку масовните медиуми, како и за секој љубопитен за оваа област.
Покрај авторот Владо Димовски, на онлајн промоцијата се вклучија Горан Петрушев, дипломиран дефектолог-логопед во ЈЗУ Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас и Андријана Савевска-Љоровска, дефектолог, која работи како воспитувач во јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај“.
Во втората книга, која беше претставена на промоцијата, „За секоја буква приказна“ од Владо Димовски, приказнарот напишал 31 приказна – за секоја буква од македонската азбука по една. Во секоја приказна има многу зборови што почнуваат на буквата за која ни раскажува приказнарот. Читајќи за авантурите на едно чудо необични јунаци, ние всушност учиме да ги препознаваме буквите и да ги изговараме правилно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.