Со одбележување 100 години од раѓањето на Блаже Конески, една од најзначајните фигури на Македонија во 20 век и промоција на Избраните дела во десет книги од Раде Силјан, во Домот на култура „Илинден“, во општина Илинден на свечен начин беше отворена 22-та Литературна манифестација „Илинден“.
Посакувајќи им добредојде на присутните, манифестацијата ја отвори нејзиниот покровител, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.
Беседа за книжевното и научно дело на поетот и кодификатор на македонскиот јазик, како и промоција на книгата „Светската критика за делото на Конески“ што ја приредија Паскал Гилевски и Раде Силјан, одржа проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска.
Неоспорно е дека нашиот предан учител Блаже Конески остави свој печат во поезијата и поетиката, во граматиката и општата лингвистика, во историјата на јазикот, во литература и културата. Блаже Конески е најграндиозната наша фигура. Блаже Конески е личноста што се нурна најдлабоко во македонското минато и што се извиши највисоко во македонската иднина. Со него станавме препознатливи во светот, истакна проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска.
Со пригодна реч на академик Витомир Митевски, на оваа прва вечер од манифестацијата беа промовирани Избраните дела во десет книги на Раде Силјан.
За поетско дело на Раде Силјан е пишувано многу и тоа од наши најзначајни познавачи на поезијата. Меѓу нив ќе ги спомнам искажувањата на академиците Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Луан Старова, потоа на наши уважени писатели Петар Бошковски, Паскал Гилевски, Светлана Јоциќ, Евтим Клетников и многу други, а меѓу нив и на редица истакнати критичари од странство. Нивниот мериторен критички суд придонесе поезијата на Раде уште од самите почетоци да си го најде своето високо место во нашата книжевност, истакна академик Витомир Митевски.
Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, заблагодарувајќи им се на сите досегашни учесници во манифестацијата, истакна дека му претставува вистинска чест, задоволство и привилегија да биде домаќини, покровител на една ваква манифестација чија што главна цел е промовирање на современите културни достигнувања и негување на културата и културните вредности преку приближување на пишаниот збор до што поголем број читатели. Тој во своето обраќање се осврна на одбележувањето 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Во Македонија живееле и создавале славни имиња , чии дела духовно ги поврзуваат историски нишки низ вековите. Затоа со право се гордееме со нашите претходници, по кои се препознаваме како народ со вековна традиција. За делото на Блаже Конески, за неговиот книжевен и научен опус, пишувале сите позначајни македонски писатели, критичари и научници, кои на највпечатлив начин ја прифаќаат Блажевата приврзаност кон националните традиции и финото чувство на национално достоинство.
Ова е начинот на кој локалната самоуправа преку оваа манифестација и ова одбележување на 100 години од раѓањето на Блаже Конески дава свој придонес во зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, секогаш одвојувајќи простор и време за културата и литературата, истакна градоначалникот Стојановски.
Тој ја искористи можноста да му се заблагодари на писателот Раде Силјан за неговото континуирано учество на манифестацијата, без кого, како што рече, Литературната манифестација „Илинден“ не би била тоа што е.
Стихови од творештвото на Блаже Конески и Раде Силјан читаше Антонио Павловски. Во рамките на манифестацијата беше отворена и ликовна изложба на академскиот сликар Новица Трајковски.
Централниот настан на манифестацијата, поетскиот митинг „Стихови за душата“, со настап на повеќемина реномирани поети ќе се одржи вечерва со почеток во 19:00 часот, во Домот на култура „Илинден“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.