Во Музејот на Град Скопје беше промовирана публикацијата ,,Културното наследство во Дебарско – Реканскиот регион“, во издание на Управата за заштита на културното наследство, настаната како резултат од активностите спроведени во рамките на Пилот проектот за локален развој на Дебар и Река (ППЛР), кој се реализираше во периодот од 2010 до 2016 година, со поддршка на Советот на Европа.
Главната цел на проектот беше да им помогне на националните, регионалните и локалните институции во долгорочното зајакнување на потенцијалите за социјален и економски развој преку одржливо користење на ресурсите на културното и природното наследство и креирање на регионални политики и механизми за децентрализација на овие сфери. Од оваа причина, токму Дебарско-Реканскиот регион беше избран како пилот територија за имплементација на ППЛР, поради специфичноста, автентичноста, типологијата и бројноста на објекти и локалитети кои поседуваат вредности на културно наследство.
Оваа публикација на едноставен и популарен начин ги презентира главните типови на недвижно културно наследство во регионот и нивните специфики, претставувајќи ја исклучително богатата градителска традиција на Дебарско-Реканскиот крај.
Автори на публикацијата се: Дафина Герасимова, Дарко Николовски, Зоран Павлов, Цветанка Хаџи Пецова и Снежана Герасимова Матеска и истата е издадена на македонски, албански и англиски јазик.
Со свое обраќање промоцијата ја отвори д-р Елеонора Петрова – Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, додека краток осврт на содржината на публикацијата и на реализираните активности во текот на целиот проект, беше презентиран од страна на м-р Снежана Герасимова – Матевска, координатор на Пилот- проектот за локален развој на Советот на Европа и уредник на публикацијата.
Публикацијата беше изготвена во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведуваше под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.