Поезијата, колку и да е уметност на зборовите не може и никако не смее да се сведе само на јазик. Ако ја сведеме така, таа ќе изгуби некои од важните содржини поради кои и воопшто читаме поезија. Поезијата е артикулација на некои значења. Не е сеедно за што читаме, ниту пак какви чувства некоја песна ни буди. Не е сеедно кој вид постапка некој поет ја применува за да ја доближи смислата на своите стихови – рече српскиот поет Гојко Божовиќ, синоќа во рамките на портретот посветен нему, како дел од програмата на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“. За неговото творештво, во книжарницата „Буква, зборуваше Александар Прокопиев.

Јас во поезијата секогаш сум бил внимателен кон две постапки. Првата е сведувањето на поезијата на јазик и јазичка игра – концепт кој не ме привлекувал никогаш особено, а од друга страна голем предизвик во поезијата е опасноста од поетичноста. Таа според мене ја намалува уверливоста на поезијата – вели Божовиќ, кој е и литературен критичар, уредник и издавач.

Божовиќ бега од пренатрупеностите и ги кажува работите ненакитани, на природен начин, додаде Прокопиев.

Двајцата писатели зборуваа и за еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш и го промовираа и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“, во издание на „Прозарт медиа“ од Скопје.

Делото го преведе Дејан Трајкоски, кој прочита и извадок од него.

Искрено се надевам дека ќе го чуете и видите Киш преку ова дело, зашто „Рани јадови“ е восхитувачки поетска и восхитувачки сликовита книга – рече тој.

Книгите на Киш не се големи, најголемата е 200 страни. Наскоро ќе биде објавена книга на 700 страници, најави Прокопиев. Во издание на „Архипелаг“, издавачката куќа на Божовиќ, ќе излезе книгата „Кишовите преписки“.

Киш многу пишувал писма, но во тоа време не чувал копии. Книгата биде вид биографија за Киш, а се собрани писма и преписки од цел свет, од негови пријатели, сорботници, писатели. Интересно е како сѐ се лоцираа тие писма. Некои од тие писма се многу драгоцени. Има преписки со Бродски, со Сузан Зонтаг, со Милан Кундера, ова е најмалку познат дел од неговото творештво, вели Божовиќ.

„Рани јадови“ е најчитана книга на Киш, истакна тој. Зошто?

Затоа што е многу прецизен опис на растењето на едно дете и како тоа го осознава светот во кој живее и може да препознае подобро отколку што тоа го прават возрасните. Ретко која книга во светската книжевност може да се пофали со таква снага за носталгична евокација и да се спореди со оваа кратка, а голема книга.

Прокопиев истакна дека радува фактот што и поновите генерации го сакаат Киш.

Срѓан Јаниќијевиќ, кој создаде перформанс според „Енциклопедија на мртвите“ го сподели неговото одушевување од овој автор.

„Енциклопедија на мртвите“ ми значи многу и кога требаше да ја почнам да ја работам, сакав да сменам нешто кај себе. Киш има одважност, храброст да го плесне во фаца тоа што треба, иако завиено, но кај него секогаш има висока етичност и потреба за слобода. Нешто што денес многу ретко се случува – рече режисерот.

Промоцијата се реализира во соработка со Српскиот културен центар „Спона“.
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ го поддржаа: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.