Со читање на неколку раскази и дискусија со публиката, беше промовината новата книгата за деца „Патека од кикиритки“ од авторката Ана Аврамоска Сиљаноска во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 14 куси раскази наменети за деца од претшколска и рана школска возраст.

Многу се радувам на „Патека од кикиритки“, која е мое прво објавено дело, особено ми е драго што е книга за деца. Тие се најблагородната и најблагодарна публика, но истовремено и најострите критичари. Се надевам дека книгата ќе го издржи тестот на времето и дека во расказите ќе уживаат и децата и возрасните. Главната инспирација за книгата ми беа Тара и Јан, две златокоси сонциња – едното во здолниште, другото во панталончиња. Пишувањето за мене е еден од многуте начини на кои некој, што има творечки порив, може да се изрази. Пишувам од мала, но тоа ретко кога било насочено, плански и системски. Но, овој пат, со „Патека од кикиритки“, целта беше јасна – и на најмладите и на повозрасните уживатели во пишаниот збор да им се понудат приказни во кои тие истовремено и ќе уживаат и ќе најдат некаква смисла која ќе поттикне некоја од доблестите својствени за нас луѓето, но кои, за жал, како сè почесто да ги „ставаме под тепих“ – изјави Аврамоска Сиљаноска на промоцијата.

Приказните во оваа книга се случуваат во едно мало скришно и магично место за кое не чул речиси никој, а уште помалку се оние што го имат видено. Тоа место се вика Омвил. Омвил е колку обичен – толку необичен. Колку е стварен – толку измислен. Во Омвил и во неговата околина – и на сонце и под сенка – но и зад секоја врата, во секоја соба, во секое ќоше, има по некоја чудна приказна…

Во освртот кон книгата , рецензентот Томислав Османли истакнува:

Омвил е едно селце во кое сè е шаренолико и благородно раздвижено, каде што децата, миленичињата, милните ликови на виталните баби и дедовци, лекарите и директорите на училишта со необични и слатко откачени имиња, целиот тој радосно анимиран жив и само условно нежив свет, постојат во хармонијата на топлата имагинација на авторката. Омвил е место на слатки парадокси; тој е ’најсончевата точка на Земјината топка‘, каде што ’сонцето си сјае и си грее дури и кога врне‘). Тој е имагинарен простор во којшто дури и градот Сивоград носи значења на модерен и непримерен, а сепак омилен простор, којшто, како впрочем и сè во оваа детска збирка на разиграни фантазии, подлежи на поправање и на подобрување. Така, во Омвил пред сè живее добрата надеж.“

Ана Аврамоска Сиљаноска е родена 1989 година во Кичево. Покрај формалното образование, уште од најрана возраст покажува наклоност кон уметничкото изразување низ многу различни медиуми, а најмногу низ визуелните и наративните. Зад себе има неколку групни и четири самостојни изложби на уметнички фотографии во земјата и во странство и бројни мултидисциплинарни соработки со многу уметници ширум светот во најразлични визуелни формати. „Патека од кикиритки“ е прва нејзина самостојна книга.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.