„Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ од Билјана Велковска, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, која беше промовирана во пептокот ги осветлува двете страни на паричката наречена човек. Од едната страна се чувствата, субјективни и тешки за дефинирање, но многу проучувани, кои претставуваат огромен дел од човековото искуство. Од другата страна е физичкото функционирање и здравјето, што традиционално и погрешно се разгледува одделно од емоционалниот живот.
Иако терминот психосоматика некои луѓе можеби си го поврзуваат со замислена болест, авторката пишува дека чувствата и мислите можат да нè разболат или да нè излекуваат на многу начини, што дефинитивно не се само „во нашата глава“.
Мојот печат, пораката што сакам да ја пренесам со книгава, е дека човекот има неверојатен дизајн и дека е потполно погрешно да се разгледува само како физичко битие, само како емотивно битие или само како духовно битие. Човекот е целина на сево ова и вистинската благосостојба (физичка, духовна или емотивна) произлегува единствено од целовитоста. Книгава нема да ве направи поздрави, поубави или посреќни. Не спаѓа во групата книги за самопомош (иако не сум сигурна ни колку книгите од таа категорија помагаат на овој начин). Жанровски припаѓа во популарна наука, а научната дисциплина што се обидува да ја приближи до пошироката читателска публика е – психосоматиката. Во неа се обидов да ги опфатам сите аспекти поврзани со темата: што се емоциите и преку кои механизми можат да нè разболат или излекуваат, постои ли профил на психосоматски пациент, дали психосоматските болести се наследни, кои се начините на кои може да се чувствуваме подобро и поздраво, кога да се побара стручна помош од терапевт, како да се побара соодветна помош итн. Ако треба да ја дефинирам книгава, тогаш би рекла дека е приказна за стресот, во најширока смисла на зборот – рече авторката Велковска.
Билјана Велковска е родена во 1978 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во родниот град. Интересот за психологијата, личен и професионален, Велковска го добива по стручната соработка во неколку изданија со Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“. „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ е нејзино прво дело, плод на повеќегодишно истражување на една многу важна и неправедно занемарена тема: конекцијата помеѓу телото и умот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.